Британските бизнисмени оценија: Македонија добра дестинација за инвестирање

 

Република Македонија е добра дестинација за инвестирање, бидејќи нуди низа поволности за потенцијалните инвеститори и добра инфраструктура, оценија британски бизнисмени на бизнис форумот што се одржа синоќа во Лондон за презентација на поволностите кои ги нуди земјата за реализација на странски инвестиции, а на кој се обрати претседателот на Владата Никола Груевски. 

На форумот присуствуваа претставници на над стотина компании од различни области како финансискиот, услужниот, производствениот сектор, информатичката технологија и градежништвото.

Директорот на компанијата Томас Милер Инвестмент, Аби Олтаџмент изјави дека на форумот имал можност да дознае многу информации во врска со инвестициската клима во Република Македонија.

- Се гледа посветеноста на владините претставници во привлекување на странски инвеститори. Политиките за инвестирање за кои разговараше Премиерот за земја како Македонија се извонредни и одлични. И од она што го слушнав се гледа дека постои добра клима за инвестирање, изјави  Олтаџмент.

Клас Смит Солбејкер, директор на компанијата Арбан Груп, која доаѓа од финансискиот и консалтинг сектор, изјави дека Македонија може да понуди многу интересни можности за инвестирање, особено во сферата на банкарството, инвестициските фондови или отворање оперативни претставништва во Македонија користејќи ги предностите во даночната и останатите сфери. Тој посочи дека македонската Влада овозможува за инвеститорите  многу интересни поволности, но не само тоа туку и добра инфраструктура, што е одлично за отпочнување бизнис.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Груевски во своето обраќање истакна дека македонската Влада е пријателски ориентирана кон инвеститорите и бизнисот.

- Работиме со инвеститорите за да ги слушнеме нивните барања, нивните проблеми и прашања кои им се важни и земајќи ги предвид најдобрите искуства од странство направивме многу промени, не само во легислативата, туку и во нејзината примена, спроведуваме реформи и на тој начин правиме напредок, изјави премиерот Груевски.

Toj се осврна и на макроекономските показатели кои покажуваат стабилност и раст.

- Mинатата година ја завршивме со околу 3 проценти раст што беше трет најголем раст во Европа, оваа година во првите 6 месеци имаме раст на БДП од 3.9 отсто, во првиот квартал беше околу 3.5 отсто, а во вториот 4.3 отсто со што просекот е 3.9, што е најголем раст во Европа за овие 6 месеци. Извозот на производи од Македонија од почетокот на годината бележи раст од 18,5 проценти. Така што овие макроекономски податоци одат во добра насока, рече премиерот Груевски.

Тој истакна дека Владата е посветена и кон инвестиции во инфраструктурата и дека моментално се градат три нови автопати, железница кон Бугарија и паралелно се преземаат активности за процесот на гасификација.

На бинзис форумот се обратија и членовите на владината делегација во чиј состав беа заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Горан Мицковски и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо. 

Вицепремиерот Ставрески посочи дека бизнис форумот во Лондон се карактеризира со одлична посетеност на компаниите и има присутни компании кои што се базирани и работат во Англија, но и глобални компании од повеќе различни сектори, од производствениот, услужниот и финансискиот сектор, компании од информатичката дејност. 

- Задоволство е што тука се присутни и компании кои веќе инвестирале во Република Македонија и кои што најдобро зборуваат за своето искуство од инвестирањето во државата што е добра препорака за оние што размислуваат понатаму да инвестираат во нашата земја. Може да се истакнат извонредните услови што ги имаме како во делот на даночните поволности, така и во поглед на растот  и перспективите на македонската економија, квалификуваната работна сила и се она што Македонија ја прави исклучително атрактивен модел за инвестирање за англиските инвеститори. Очекувам врз основа на големиот интерес кој што денес беше покажан и разговорите кои ги имаме со компаниите и поединечните инвеститори еден дел ќе дојдат во Македонија, а еден дел ќе се решат и да инвестираат, истакна вицепремиерот Ставревски.

Министерот Мицковски во своето обраќање се задржа подетално на реформите и поволностите кои се нудат во даночната и финансиската сфера, како и добрата бизнис клима која веќе постои и можноста за интензивна соработка и комуникација на потенцијалните инвеститори со владините институции. 

Форумот во Лондон, кој се одржа во соработка со ФОРБС, се одржа во Лондон, е дел од заложбите на Владата непосредно да ги запознаат заинтересираните компании и инвеститори со потенцијалот кој го нуди македонската економија, како и дел од стратегијата за привлекување големи компании кои би инвестирале во Република Македонија, а со тоа би го помогнале економскиот развој и би придонеле за отворање нови работни места.

Лондон претставува не само европски бизнис центар, туку е дел од светската мапа на големите глобални корпорации чии седишта се сместени во овој град.

МИА

15.10.2014 - 12:45
Фото: 
МИА


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега