Денарот останува стабилен - депозитите растат

 

Стабилниот курс на денарот нема да се менува. Народната банка ќе ја задржи оваа политика, која како што вели гувенерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, дава резултати кои се гледаат и во растот на депозити во денари и довербата во домашната валута. 

- Полтиката на фиксен курс на денарот од воведувањето покажува дека е соодветна за мала економија како што сме ние и дава резултати. Нема економија која може да води политика на флуктуирачки курс на домашната валута освен Америка и ЕУ кои се големи. Има некои примери и во регионот кои имаат флуктуирачки курс на домашните валути, но прават многу повеќе интервенции на девизниот пазар, истакна денеска гувернерот Димитар Богов на седницата на Комисијата за финансирање и буџет која расправаше по Извештајот за работата на НБРМ во 2013 година. 

Според него, најдобар показател за спроведувањето на оваа политика е растот на штедењето во домашна валута што покажува и довербата на граѓаните во денарот и во банкарскиот систем. 

Депозитите забележаа раст од 8,1 отсто, од кои кај претпријатијата е 10,5 отсто, а кај населението 7,8 проценти. 

Значајно, како што истакна Богов, е тоа што 50,8 проценти се депозит во денари и што поголемиот дел се долгорочни. 

Посочи дека раст е забележан и кај кредитирањето при што кај кредитите е 6,4 проценти, а кај населението 12 проценти. Нефункционалните кредити се движат околу 11 проценти. 

Порача до банкарскиот сектор дека треба да се преземат мерки за да може да се кредитираат повеќе малите фирми, бидејќи најголемиот дел од издадените кредитите се кај големите компании. 

- Да се поддржат добри проекти кои можат да ги вратат кредитите, а хипотеката да се земе предвид како последен инструмент за обезбедување, посочи Богов. 

Каматните стапки се на историско најниско ниво, иако, вели Богов се уште се високи и се 7,4 проценти кај денарските и 6,2 кај девизните кредити. 

Оцени дека банкарскиот сектор во Македонија е стабилен и дека таа стабилност се очекува да се задрши, како и дека банките се одлични и одлично капитализирани. 

За девизните резерви информира дека се одржуваат на адекватно ниво и дека според последните бројки тие изнесуваат 2,444 милијрди евра што според гувернерот Богов  се доволни да се намират обврските што стасуваат оваа и наредната година.

Намалувањето на девизните резерви во минатата година, како што рече гувернерот, се должи на намалување на цената на златото, но оти на девизниот пазар се вршени откупи на девизи и нивото беше на адекватно ниво. 

Комисијата за финансирање и буџет на денешната седница покрај Извештајот за НБРМ, ги разгледа и предложените измени за Кредитното биро и Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија за 2014 година.

MIA

15.10.2014 - 14:01


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега