Народна Банка измери раст од 4,3% во вториот квартал
Економијата закрепнува со солидно темпо и во вториот квартал оствари раст од 4,3 проценти, оцени Комитетот за оперативна и монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.
- Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви, стои во соопштението од НБРМ.
Најновите показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на натамошни поволни трендови, но малку поумерени. Забавениот раст на индустријата и трговијата и пониската вредност на извршените градежни работи се секторите за кои се очекува дека ќе придонесат за забавувањето на растот. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.
Податоците за инфлацијата во септември 2014 година покажуваат стагнација на месечна основа на општото ниво на цените. На годишна и збирна основа, инфлацијата бележи негативна стапка од 0,7 отсто и 0,2 отсто, главно како резултат на пониските цени кај прехранбената компонента. Воедно, за првпат по подолг период, базичната инфлација навлезе во зоната на негативни годишни промени. Овие остварувања упатија на пониска стапка на инфлација во однос на очекуваната во априлската проекција. Најновите очекувања за увозните цени исто така укажуваат на помали притисоци врз инфлацијата од очекуваните. Пониските појдовни услови и ревизиите на влезните надворешни претпоставки упатуваат на надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата за 2014 година. Од друга страна, и понатаму има нагорни ризици околу цените на енергијата и храната (поврзани со геополитичките тензии во Ирак, руско-украинскиот конфликт, како и евентуалните ефекти од поплавите во регионот). Сепак, оценките се дека во билансот на ризици околу проектираното движење на цените, најзастапени се надолните ризици.
Девизните резерви забележаа раст во однос на крајот на вториот квартал, главно како ефект од надворешното задолжување на државата на меѓународниот пазар на капитал, како и повлекувањето средства од Светската банка врз основа на Заемот за развојни политики за конкурентност. Девизните резерви бележат умерен раст дури и ако се исклучи ефектот од задолжувањето на државата, што се должи на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на НБРМ со откуп на девизи. Комитетот смета дека промените на девизните резерви се во рамки на проекциите, а показателите за адекватноста на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.
Првичните податоци за септември укажуваат на забрзан годишен раст на вкупните кредити, при што динамиката на кредитната активност го надмина проектираното ниво за третиот квартал. По високиот раст во август, првичните податоци заклучно со септември упатуваат повторно на солиден раст на депозитите, при што вкупниот монетарен раст е во согласност со проекциите. Движењата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, сметаат од НБРМ, во услови на неизвесен економски амбиент, и натаму има надолни ризици околу кредитирањето на приватниот сектор во следниот период, но се помалку нагласени.
Ликвидноста на банките е зголемена под влијание на автономните фактори, при што банките го пласираа вишокот ликвидност во краткорочните депозити кај Народната банка, а забележана е и поумерена активност на пазарот на необезбедени депозити и на секундарниот пазар на хартии од вредност. Имајќи го предвид високото ниво на ликвидност и примарната цел на расположливите депозити кај Народната банка, за балансирање на краткорочните вишоци на ликвидни средства на банките, Комитетот одлучи да ја намали каматната стапка на двата инструменти. Така, каматната стапка на расположливите депозити преку ноќ се намали од 0,75% на 0,50% и на седумдневните депозити од 1,25% на 1%. На девизниот пазар, движењата беа стабилни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи.
Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува дека показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму ќе бидат во сигурната зона. Воедно, со оглед на задолжувањето на државата на меѓународниот пазар на капитал, што не беше вградено во рамки на последните проекции, показателите за адекватноста за 2014 година ќе бидат и подобри од очекуваните. Ценовни притисоци не постојат, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар укажуваат на поволни движења на кредитниот пазар.
НБРМ во следниот период главно ќе биде насочена на следењето на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот на светските цени на енергијата и храната. Послабите остварувања во евро-зоната во однос на очекуваните ги нагласуваат ризиците околу динамиката на глобалното закрепнување. Како фактор на ризик и натаму се ефектите од случувањата поврзани со конфликтот во Украина, поплавите во регионот, како и геополитичките тензии во Ирак. Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилност и тешка предвидливост на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување.
НБРМ, посочуваат во соопштението, ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа