Капитални инфраструктурни објекти од непроценливо значење за македонската економија

 

Kапиталните инфраструктурни објекти се од непроценливо значење за македонската економија, констатираат експертите. Една од клучните препораки и на меѓународните финансиски институции е инвестиции во капитални објекти кои на долг рок ќе генерираат профити и ќе бидат исплатливи, пренесува Лидер.

Токму затоа во изминатите години, постојано се зголемуваат средствата наменети за инфраструктурни проекти. Во оваа анализа ќе ги наведеме некои од најзначајните капитални објекти во кои се инвестираше последните неколку години.

Спортска Арена Филип Втори Македонски 
Македонија доби нова современа и по европски терк спортска Арена Филип Втори Македонски. Проектот вреден 60 милиони евра подразбираше целосна доизградба на трите трибини, реконструкција на постоечката јужна трибина со што стадионот доби модерен изглед. Арената има капацитет за 32 илјади гледачи. Дека овој објект е гордост на цела држава покажува и фактот што Националната арена „Филип Втори“ доби големо признание од најпрестижниот европски спортски магазин „Гуерин спортиво“, кој во својот избор на стотте најубави стадиони на светот, ја прогласи за најубав стадион на Балканот.

Спортски центар Борис Трајковски 
Спортските клубови и љубителите на спортот сега имаат нов центар. Повеќенаменската сала “Борис Трајковски” е и најкомплексниот спортски објект што некогаш се изградил во Македонија. Во неа постојат две сали, една поголема која е и главна со максимален капацитет од 8.000 (за кошаркарски натпревари) и 10.000 за концерти и други културни манифестации, како и една помала со капацитет од 500 седишта која може да се користи за тренинзи и за помали натпревари.
Во состав на Спортскиот Центар е реновираниот базен Карпош. Базенот доби нов лик, како и целосно реновирање на внатрешноста.

Аква Парк во склоп на СЦ Борис Трајковски

Во 2013 година СЦ Борис Трајковски се прошири со најголемиот капитален објект по Арената Борис Трајковски. На 12.000 м2 изграден е првиот Аква Парк во Скопје, инвестиција вредна 4,2 милиони евра.
Со тобоганите, базените за деца и другите придружни работи Аква паркот претставува вистинска атракција за жителите на Скопје, но и пошироко за сите домашни и странски туристи.

Министерството за финансии доби свој објект
Поранешната зграда на „Југобанка“ стана Министерството за финансии. Со овој објект е надминат проблемот што се јавуваше поради користењето различни локации во кои беше сместено Министерството за финансии, што го отежнуваше нормалното и ефикасно функционирање.

Ваквиот потфат трајно го реши деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа, а државата со неговата изградба заштеди значителни средства за закупнина на објектите во кои функционираше Министерството. Распространет на 14.000 метри квадратни распоредени на 11 нивоа, ова е енергетски најефикасниот јавен објект во Македонија и еден од најсовремените во регионот.
Недостаток на простор, а истовремено и одлевање на многу парични средства од Буџетот за кириии, беа исто така дел од причините поради кои во изминатите години државата интензивно започна со изградба на нови објекти на државните институции.

Нова зграда доби и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 
Објектот е со вкупна површина од 9 илјади метри квадратни. Инвестицијата изнесуваше 4,3 милиони евра и е реализирана за две години.
Сите сектори и органи од МЗШВ се сместени на единствена локација со што е зајакнат административниот и управувачкиот капацитет на институцијата и обезбедени се услови за ефикасно функционирање и квалитетно и навремено извршување на обврските.

Министерство за надворешни работи 
Зградата е еден од најголемите капитални проекти во рамките на проектот „Скопје 2014“, и со нејзиното пуштање во употреба Министерството нема потреба повеќе да дава пари за закупнина.

Со изградбата на овие објекти и завршување на изградбата на Кривичниот суд на Република Македонија, Јавното обвинителство, Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј, новата концертна сала на Македонската филхармонија и серија други капитални објекти се овозможуваат вистински услови за работа на институциите и вработените во нив, а тоа придонесува да се подобри квалитетот на услугите за граѓаните.

Нов театар во Велес – Јордан Хаџи Констатинов Џинот
Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители.
Во овој објект се инвестираа околу 12 милиони евра и тој е еден од најсовремените во Македонија. Театарот е место каде велешани и сите љубители на театарот од земјава ќе можат да уживаат во театарските претстави и во оваа прекрасна театарска зграда.

Изградба на катни гаражи
Во изминативе години се посвети и особено внимание на решавање на долгогодишните проблеми со сообраќајниот метеж и паркирањето. Токму затоа низ земјава , но и во Скопје, се изградија неколку катни гаражи.

Освен изградбата на објектите, инвестициски бум се реaлизира и во патната и железничката инфраструктура.

Инвестиции во патната инфраструктура над една милијарда од 2014 до 2018 година

Инвестицискиот циклус во патната инфраструктура вкупно надминува една милијарда евра од кои 790 милиони евра се само зa трите главни автопати. Освен Коридорот 10, во моментов се градат и автопатите од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид кои ќе имаат повеќекратно влијание врз македонската економија.Освен изградба на нови, се рехабилитираат стари патишта.

Највисока стапка на раст на градежништвото

Градежништвото оствари историски највисоки стапки на раст од 32,7% во 2013 година, што не може да се спореди со растот во ниту еден претходен период. Просечниот раст на градежништвото во периодот 2011-2013 година изнесуваше 16,1%, пред се како резултат на зголемените јавни инвестиции финансирани од буџетот. Тоа овозможи реализација на стотици капитални проекти, но и создаде работа за домашните фирми од градежништвото, индустријата и услужните дејности, со што се сочуваа работните места во услови на криза.

16.10.2014 - 09:33


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега