Турска компанија ќе ги модернизира македонските патарини
Изградбата и модернизацијата на патарините долж Коридорот 10, како и инсталација на електронскиот систем за наплата на патната такса ќе ја врши турска компанија.
Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, станува збор за компанијата „Аселсан“ која е избрана како најповолен понудувач за реализација на овој проект на Јавното претпријатие за државни патишта.
Новиот систем за елелктронска наплата на патарините треба да биде завршен и ставен во функција 18 месеци по потпишувањето на Договорот со компанијата што треба да се случи наредните недели.
Со изведбата на овој проект ќе се овозможи брз проток на возила низ патарините, ќе се исклучи човечкиот фактор, плаќањето во кеш нема да е дозволено, а ќе се избегне и можноста за неплаќање на патн такса. Модернизацијата и новиот систем на наплата ќе овозможи и избегнување на тесните грла посебно во летниот период.
Како што е предвидено, електронската наплата ќе се извршува преку микробранови транспондери - односно еден вид налепници и со смарт картички, а електронскиот систем ќе врши и категоризација на возилата.
Смарт картичките ќе бидат по можност при пеид и пост пеид, а во прво време ќе се продаваат во кабините на наплатните станици. Во втората фаза тие ќе се продаваат на бензиските пумпи и други малопродажни објекти.
Според проектот ќе се изврши реконструкција, проширување и модернизација на петте постоечки наплатни станици на Коридорот 10 - Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско. Наплатните станици Романовце и Градско ќе бидат со нови локации, односно ќе се дислоцираат за неколку стотини метри поради зголемување на бројот на ленти за наплата од постојните пет на 10, како и поради изградбата на новиоит експресен пат Градско-Прилеп. Освен Петровец, која ќе остане со деветте ленти, Сопот и Отовица, исто така, ќе се прошират со по уште една лента и ќе имаат вкупно пет ленти.
Вредноста на инвестицијата е 18,7 милиони евра од кои 15 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, а останатиот дел од Република Македонија. Проектот ќе се имплементира во соработка со Министерството за транспорт и врски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа