Како до сопствен дом на Првиот саем за „Купи куќа, купи стан“

 

Градежни компании, банки, осигурителни компании и Министерството за финансии како носител на проектот „Купи куќа, купи стан“ од денеска до 28-ми овој месец учествуваат на Првиот саем посветен на овој владин проект. Заинтересираните граѓани на едно место можат да се информираат за условите што ги нуди проектот, начинот на кој може да добијат субвенциониран кредит од банките, како и за понудата на станови кои се вклопуваат во пропишаните услови на проектот.

Се нудат станови во Скопје, Охрид, Битола и Струмица кои се со цена до 900 евра за да може да бидат дел од проектот.

Цветко Грозданов, директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор истакнува дека интерес има и оти нудат станови во Скопје на две локации во Реонски центар и на „Трета македонска бригада“ каде квадратот е 795 евра, во Охрид 700 евра и Битола и Струмица 530 евра.

- Досега имаме продадено 500 станови од кои 20 до 30 проценти се преку овој проект, а со последното подобрување на условите очекуваме да порасне бројот на станови кои ќе се продадат преку овој проект, изјави Грозданов денеска на првиот ден од Саемот.

Ванчо Чифлиганец од Адора инженеринг оценува дека ова е еден од најповолните проекти кој го раздвижи прометот на недвижности и целокупната економија на Македонија, но придонесе и за најмалување на цената на становите.

Досега Адора инженеринг, како што соопшти Чифлиганец, имаат продадено 40 станови преку овој проект.

Покрај стан, преку проектот може да се купи или изгради куќа. Сопсвеникот на Хот и Хот, Роберт Хот вели дека интересот е се поголем особено по подобрување на условите кои се однесуваат на делот за куќите.

- Најмногу се бараат куќи до стотина квадрати. Тие се најприкладни за граѓаните бидејќи и цената е пристапна, рече Хот и додаде дека зависно од локацијата во просек чини околу 35.000 евра. Нудат куќи во Сопиште, Ѓорче Петров, односно главно на периферијата. Соопшти дека досега се продадени неколкку куќи и дека за неколку се во фаза на одобрување.

Граѓаните се заинтересирани за проектот и оценуваат дека е одличен. Според присутните, понудите се интересни. Го посетиле саемот за да соберат повеќе информации и да донесат одлука. Некои се за да обезбедат прв сопствен дом, а некои за да добијат поголем комфор и да купат поголем стан од она што го имаат.

На саемот се присутни и компании за инвентар и бела техника кои нудат попусти за граѓаните додека трае саемот. Попуст може да обезбедат и од осигурителните компании за осигурување на домот кој ќе го купат преку овој проект.

Проектот беше промовиран во јануари 2012 година. Досега 331 семејство го решиле станбеното прашање преку овој проект. Граѓаните повеќе се решаваат за купување стан, односно од овие 331 семејство меѓу 270 и 280 се одлучиле за стан.

Проектот продолжува и наредната година. На граѓаните им се нудат два модела - половина рата за купување стан и 75 проценти за изградба на куќа. И вториот модел е учество.

24.10.2014 - 17:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега