Владата со голема помош за нови вински продавници

 

Владата на Република Македонија нуди дополнителна поддршка за винскиот сектор, со цел зголемување на вработеноста, промоција на земјава и нејзиното вино, привлекувањето на туристи во земјава. Се бараат заинтересирани за отворање на нови специјализирани продавници за вино.

Од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е објавен јавен повик за доставување на барања за воспоставување и работа на овие унифицирани специјализирани продавници. Јавниот повик трае до 30 ноември 2014 година, а право да учествуваат имаат сите правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија.

-Финансиската поддршка на Владата ќе се однесува на покривање на следните трошоци за компаниите: Владата ќе покрие 50% од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.500.000 денари по единица продавница; Владата ќе покрие 50% од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од 3 години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница; Владата ќе обезбеди и плати за вработување на две лица во овие продавници и тоа во период од 3 години, и тоа во висина од просечната плата по лице месечно, значи две просечни плати месечно по единица продавница, информира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Ентериерот на продавницата треба да биде направен како што е предвидено во мастер проектот на МЗШВ. Продавницата треба да биде сместена во објект од 30-100 метри квадратни. Ќе бидат отворени 10 продавници во 9 македонски градови- Скопје, охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево. Пожелно е истите да бидат сместени во централните подрачја на градовите или на локации каде има поголем број на туристи.

Ова ќе значи дополнителен аргумент за олеснување на отворање на бизнисот на заинтересираните, а за Владата е од големо значење отворањето на нови работни места и раст на економскиот развој.

Досега за оваа цел, македонската влада финансираше по еден милион денари, а по обемна анализа и разговори со бизнис заедницата, финансиската помош е зголемена на еден ипол милион денари.

-Овој проект е доста значаен и дава добра поддршка за компаниите. Апелираме што поголем број на компании да ги разгледаат овие добри можности и услови и да аплицираат за да отворат продавници и да ја добијат државната поддршка. На тој начин ќе придонесат за сопствената профитабилност, за развојот на компанијата, позитивно ќе влијаат на промоцијата на вината од домашно потекло и на зголемување на продажбата на македонските вина, но и на процесот кој за нас е многу значаен, а тоа е отворањето на нови работни места и вработување на граѓаните, додаде Ѓорѓиев.

Сите заинтересирани субјекти барањето за користење на средства заедно со листата на потребни документи, упатството за  корисниците и мастер проектот со ентериерно решение и бренд идентитетот, може да ги подигнат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој стојат на располагање за секој субјект кој сака да добие дополнителни информации, совет за апликација или други детали од проектот. 

27.10.2014 - 13:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега