Министерство за транспорт: Превозниците да не подлегнуваат на измами за издавање дозволи

 

Министерството за транспорт и врски ги повикува сите превозници во Република Македонија кои вршат превоз на патници и стока во патниот сообраќај да не подлегнуваат на шпекулации и измами дека некој друг, освен Министерството за транспорт и врски, може да им издаде соодветна дозвола.

Потенцираат дека за сите видови превоз во Министерството функционира електронски систем за аплицирање и распределба. - Овој начин на работење ги потврди нашите заложби за целосна елиминација на можностите за корупција во секторот за транспорт, а истовремено овозможува зајакнување на транспарентноста во давањето на јавните услуги за граѓаните, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт.

Имплементацијата на овој современ електронски систем, кој во огромна мера е надограден и усовршен, како што истакнуваат, овозможува превозниците да се ослободат од административните процедури за прибирање на потребната документација за аплицирање, како и да се избегнат проблемите при доставувањето некомплетна документација, а го елиминира човековиот фактор во распределбата на дозволите.

Во 2009 година па наваму Министерството за транспорт и врски, додаваат, ја направи најголемата реформа во патниот сообраќај воопшто со воведувањето на лиценците за вршење превоз на патници и стока. Лиценцирањето на превозниците, според нив, придонесе за ставање ред во вршењето на превозот и за конечно селектирање кои превозници се легални, а кои се диви.

Министерството за транспорт и врски, во координација со МВР, континуирано спроведува активности за идентификување на лицата кои вршат нелегален превоз и нивно санкционирање согласно законските прописи, со цел, како што велат, ставање ред во превозот и овозможување стандардизиран и побезбеден транспорт. Исто така, ја поздравуваат акцијата на МВР за откривање и санкционирање на лицата кои се служеле со измама и заработувале продавајќи лажни дозволи за превоз.

27.10.2014 - 14:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега