Македонскиот аграр пред новите предизвици на светското земјоделство

При формирањето на аграрната политика како на национално така и на регионално ниво, во предвид треба да се има напредокот на процесот на интернационализацијата на Светската економија вклучително и земјоделството. Неколку  фактори влијаат врз промените во прехранбениот и земјоделскиот сектор.

Фактори кои влијаат врз промените во прехранбениот систем и земјоделството

Во почетокот на второто десетлетие на 21 век, светскиот прехранбен сектор и земјоделството се наоѓаше пред нови предизвици кои бараат политички одговор. По ова прашање постојат голем број меѓународни публикации како и авторитетни организации и истражувачки центри. Постои општа согласност во тоа  дека прашањата поврзани со развојот на светското земјоделство треба да се разгледуваат во контекст на решавање на проблемите со исхрана на населението и одржливо користење на природните ресурси. За да се стаса до приоритетите на политиката за развој, пред се неопходна е јасна претстава за факторите (движечки сили) кои ќе имаат влијание врз развојот на прехранбениот сектор и во делот на земјоделството за следните 30-40 години. Тие фактори можат да се групираат во неколку групи:

•Пораст на населението и раст на доходите

Околу 15% од светското население пред неколку години беше неисхрането. Ако се има во предвид  дека до 2050 година светското население веројатно ќе достигне 9 милијарди жители, обезбедувањето на прехранбена сигурност во глобален однос станува уште поважна задача. Во тој контекст земјите во развој ќе имаат потреба од 60% зголемување на расположивата храна во 2030 година и 100% во 2050 година,  што значи дека светското производство на храна треба да се зголеми за 40 и 70% (OECD-Fao Agricurtural Outlook 2009-2008). Потребно е при тоа, да се има во предвид дека темпото на пораст на светското земјоделско производство и на просечните приноси на нивските култури се забавува. Затоа е можно на среден рок побарувачката да ја надмине понудата на прехранбените производи. Но важно е да се спомене дека порастот на населението особено во неразвиените земји е пратено со интензивна миграција, при тоа луѓето ги напуштаат селските реони и се населуваат во градовите. Тоа значи дека за нив треба да се обезбеди храна, вода и енергија различна по количина и начин од тој во селата. Според UNDP денес 50% од населението живее во градовите, а до 2030 година тој процент ќе изнесува 60%.

•Промени во структурата на побарувачката заради раст на доходот по жител

Познато е дека со порастот на доходот, трошоците за храна се зголемуваат но во помала мера, односно побарувачката на храна е нееластична во однос на растот на доходот. Со пораст на расположливиот доход се менува и моделот на побарувачката, кога се зголемува делот за храна богата со протеини и масти за сметка на храната базирана на јаглени хидрати. Ова прашање е важно за Македонија, бидејќи трговската разлика со земјоделски производи е од големо значење за економијата на земјата, а особено заради релативно високото учество на земјоделството во вкупниот извоз на Македонија од околу 17%. Порастот на побарувачката на храна покажува дека на глобален план треба да се разработат усогласени национални и меѓународни политики за зголемување на земјоделското производство во рамаките на одржлив модел на развој.

•Нова организација на светскиот прехранбен систем

Глобализацијата е важна бидејќи овозможува пониски транспортни трошоци поради развој и примена на нови информациски и комуникациски технологии и намалување на бариерите за движењето  на стоки, храна, капитал и луѓе. Во економска смисла,  тоа е фактор за пораст на взаемната зависност помеѓу одделни национални и регионални економии и за интернационализација на производството. По дефиниција, интегрирањето на економиите, што се вика глобализација, треба да носи корист за сите учесници во процесот. Присоединувањето кон поголеми и конкурентни пазари треба да го зголеми повратот на инвестициите на производителите и да обезбеди поголем избор на производи со пониски цени за потрошувачите. Потребно е јасно да се каже, дека придобивките од глобализацијата имаат гарантни карактеристики – постојат примери како за успешни интеграции така и за пропуштени можности. Тоа значи дека е за поголема конкурентност треба  да се дефинираат факторите кои носат успех. Позитивните последици од интеграцијата на економиите ги спречуваат постојните трговски бариери. Трговските ограничувања носат сериозни загуби кога го отежнуваат воведувањето на иновациите, инвестициите и економскиот раст. Политиката на заштита на националниот пазар преку ценовни контроли или експортни забрани исто така делуваат штетно.

•Климатските промени

Прогнозите за порастот на просечните температури и изменетиот модел на врнежи ќе го погоди функционирањето на постојните земјоделски и локални еко системи. Зачестените екстремни природни појави ќе предизвикаат нестабилност во земјоделското производство и цените на производството. Степенот до кој ќе успее производството да се приспособи кон новите услови, ќе ја предодреди и силата на влијание на климатските промени врз земјоделството и прехранбениот систем во целост. Примената на мерки за ублажување на ефектите од климатските промени ќе бара исто така примена на нови технологии и организација, кои помагаат за намалување на емисиите на стакленички гасови. Сепак може да се каже, дека вкупниот ефект предизвикан од климатските промени во земјоделското производство е мал во споредба со економскиот и технолошкиот напредок. Според прогнозите на ФАО се очекува дека до 2020 година поради климатските промени житата ќе се намалат за 0,5%, но до 2050 година намалувањето ќе биде многу поголемо. Послабите вкупни ефекти ќе треба да значат дека во него можат да бидат скриени големите регионални разлики, што ќе ги доведе некои земји и региони во тешка состојба.

•Расте притисокот врз основите ресурси за земјоделско производство

Зголемувањето на бројот на населението и економскиот раст водат до засилена конкуренција во однос на користење на ресурсите кои се најважни за производство на храна. Особено неповолно може да се одрази несоодветната заштита на обработливите површини кои се трансформираат во градежна, патна инфраструктура, стопански објекти и слично, со што се губат  трајно како ресурсите за земјоделско производство. Во Македонија, за 20 години, обработливите површини се намалени за 150 илјади хектари. Според ФАО, во исто време земјоделско земјиште во светот е загрозено од ерозија, загадување, опустошување, деградација и други активности од човекот.

  • Енергија

Се прогнозира дека глобалната побарувачка на енергија помеѓу 2010 и 2030 година ќе се зголеми за 45%, а до 2050 година за 100%. При тоа, сигурно е дека цената на енергијата ќе расте и ќе биде нестабилна. Нивото на цената на енергијата неизбежно ќе се одрази во зголемување на трошоците во земјоделството и прехранбениот сектор.

•Вода

Побарувачката на вода за земјоделството се очекува до 2030 година да се зголеми за 30%. Вкупната побарувачка за вода пак до 2050 година ќе се зголеми два пати, поради пораст на потребите во индустријата за основните потреби и рамнотежата на животната средина.

•Расте значењето на вредносниот систем и етичките разбирања во општеството

Доминантните општествени определби без сомнение, ќе имаат влијание кај политичарите при донесувањето на нивните одлулки и решенија, но и врз промената на моделот на потрошувачите.Во таа насока можат да се набројат проблемите како што се суверенитет на потребите, заштита на културното наследство во делот на производство на храна, примена на нови производни методи и технологии (генетски модифицирани сорти, клонирање и ембриони), органско земјоделство, хуман однос кон животните, примена на производни методи кои ја штитат животната средина и биодиверзитетот, праведни пазарни односи, поддршка на земјоделското производство. Голем дел од вредносниот систем и етичкиот карактер како принципи веќе најдоа  место во регулаторната рамка на заедничката аграрна политика на Европската Унија, но проблемот се јавува кај земјите кои не се членки на ЕУ, што може да стане бариера  пред пазарот со земјоделски производи.

Проф. Др. Борис Анакиев за Фактор

02.11.2014 - 11:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега