Македонските бизнис потенцијали претставени во Њујорк

 

Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во чиј состав се заменик претседателот на Владата и министер за финансии,Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата за технолошко - индустриски развојни зони, Виктор Мизо, вчера попладне во Њујорк, САД, присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.

Њујорк е важен трговски и економски центар и претставува најголемата регионална економија во САД со најголем бруто регионален производ. На бизнис форумот кој се одржа во соработка со „Фајненшл Тајмс“ присуствуваа претставници од повеќе компании кои доаѓаат од финансискиот сектор, градежништвото, осигурувањето и трговијата на недвижен имот, прехранбената и преработувачка индустрија, а кои се интересираат и ги разгледуваат можностите за инвестирање.

-Во извештајот на Светска банка Дуинг бизнис во 2006 - та година државата беше на 94 место, а денес, во најновиот извештај е на 30-то место, со што државата е рангирана подобро од 16 земји членки на ЕУ, подобра од сите земји од Југоисточна Европа и подобра од скоро сите држави од Централна и Источна Европа, изјави премиерот Груевски.

Груевски посочи дека ваквата добра инвестициска клима веќе ја препознаа некои големи компании меѓу кои и „Џонсон Контролс“ од САД која задоволна од својата прва инвестиција отвори втора фабрика, „Кемет Електроник“ исто така од САД која произведува електронски уреди за автомобилската индустрија, „Амфенол“ од САД, „Џонсон Мети“ од Велика Британија која покрај првата има и втора инвестиција, „Текнохозе“ од Италија, „Ван Хол“ од Белгија која произведува автобуси кои во најголема мера се извезуваат овде во САД, „Дрекселмајер“, „Кромберт и Шуберт“ од Германија и многу други. Исто така, во последните неколку месеци повеќе компании информираа за нивната одлука да инвестираат во државата, а со неколку други сме во интензивни разговори што е потврда за успешната инвестициска клима на која како Влада посветено работиме, посочи премиерот Груевски.

Вицепремиерот Зоран Ставрески истакна дека американската економија е во одлична позиција, а Њујорк е центарот на инвеститорите и финансиите во САД и светот и затоа денес на овој бизнис форум се користи можноста пред инвеститорите да се презентираат можностите за отпочнување и водење на бизнис во Република Македонија.

-Значајно е да се објаснат политиките на Владата во полето на инвестициите, не само во делот на даноците каде што  Македонија е најатрактивна дестинација во Европа и меѓу најдобрите во светот, туку и во поглед на квалитетот на работната сила за што има голем интерес и од страна на инвеститорите и е признание дека Македонија располага со квалитетна работна сила, добра инфраструктура, макроекономска политика која што е стабилна и која што подразбира ниско ниво на задолженост на земјата, ниска инфлација и стабилна валута, и предвидливост на владините политики односно долгорочна можност за инвеститорите да планираат и да знаат какви ќе бидат политиките во иднина. Сето ова во пакет презентирано пред компаниите наоѓа на одличен интерес од инвеститорите, и од тој аспект очекуваме во иднина дел од нив да ја посетат Македонија и да имаат реално влијание овие бизнис форуми на заинтересираноста на американските компании за нивните инвестиции во државата, рече Ставрески.

Сопственикот на компанијата „Смарт колинг“, Ендру Лоза, која произведува делови од автомобилската индустрија, но и софтвер за редуцирање на зависноста од електричната енергија е заинтересиран да инвестира во Република Македонија.

-Бараме локација за градење на фабрика и производство некаде во светот. Дојдов на овој форум за да ги дознаам сите предности и поволности кои се нудат: квалитетот на работната сила, даноците, банкарскиот сектор, и доста сум импресиониран, дотолку што планирам да ја посетам Македонија до крајот на годината, најкасно на почетокот на јануари идната година, и да се информирам за тоа колку ќе чини и што е се потребно за да се започне со производство до крајот на следната година, изјави сопственикот на компанијата  „Смарт Колинг“, Ендру Лоза.

04.11.2014 - 11:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега