Македонски железници: Инвестициски циклус вреден половина милијарда евра!
Новите товарни вагони на домашните пруги- бенефит за компаниите и железницата. Компаниите од земјава кои ја користат железницата како транспортно средство, отсега своите производи ќе можат да ги превезуваат во нови и современи товарни вагони. Пристигна првата најавена пратка, со која ќе се зголеми и обемот на работа на МЖ Транспорт, пренесува Лидер.
Интензивно тече инвестицискиот циклус на Македонски Железници. Покрај активностите за изградба на нови пруги, поврзувањето со Бугарија, како и обновата на Железничката станица во Скопје, вчера пристигнаа првите 13, од вкупно 150, товарни вагони со кои ќе се подновува возниот парк на Македонски железници.
Набавката на товарните вагони изнесува 13,2 милиони евра. Со оваа инвестиција МЖ Транспорт ќе го обнови возниот парк со 75 отворени вагони и исто толку плато-вагони. Заедно со инвестициите во инфраструктурата на железницата, станува збор за инвестициски циклус вреден околу половина милијарда евра.
Во последните три децении, ова е прва голема набавка на вагони за Македонската железница. Бенефитот ќе биде голем. Новите товарни вагони треба да го забрзаат транспортот на стока и ќе ги намали трошоците на македонските компании кои ја користат железницата.
Според најавите, сите 150 товарни вагони ќе пристигнат до крајот на јануари 2015 година, а Македонски железници со оваа набавка ќе можат да го зголемат обемот на работа. Следното лето, пак, се очекува да пристигнат и новите патнички возови. Ќе бидат најсовемени, модерни по сите светски стандарди.
Нов имиџ на железницата!
-Се случува една мала револуција во промената на имиџот на нашата компанија. Ова ќе значи еден прв чекор во промена на тој имиџ на позитивно и ќе значи зголемување на искористувањето на средствата на МЖ Транспорт. Возовите ќе бидат со проектирана брзина од 140 километри на час, изјави неодамна директорот на МЖ Транспорт, Оливер Деркоски.
Со новите вагони, ќе се зголеми капацитетот за превоз на стоките на компаниите, а дополнително, со пристигнувањето на новите патнички возови, се очекува и поголема фрекфенција на патници. Тоа истовремено ќе значи и намалување на трошоците за одржување.
Паралелно со подоновувањето на возниот парк, течат и инветсициите во инфраструктурата. Градежните работи на првата делница од пругата кон Бугарија се во тек, а во тек се и активностите за комплетирање на железничкиот Коридор 8.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, најави дека наредниот месец ќе биде избрана градежната компанија која ќе ја гради втората делница од пругата кон Бугарија.
Железничката станица во Скопје добива нов лик
Во тек е и реконструкцијата на Железничката станица во Скопје, која треба да добие нов лик во текот на следната година. Истовремено, долж Коридорот 10, започна постапката за реконструкција на неколку железнички станици.
-Се очекува пролетта 2015-та година, да заврши реконструкцијата. После долги години станицата ќе го добие заслужениот лик, а и патниците коишто се многу често на таа станица ќе имаат малку подобри услови од она што сега го имаат. Ќе имаат можност да бидат присутни на една вистинска железничка станица, онакви какви што ги има насекаде во Европа и во светот. Со тоа ќе ги задоволиме и практично сите стандарди и потреби на граѓаните при користењето на воз, смета Деркоски.
Со инвестициите, Македонски железници, полека но сигурно се доближуваат до модерниот железнички сообраќај во европските земји. Инвестициите ќе донесат повеќе патници, а тоа ќе придонесе за подинамичен развој на железницата, сметаат експертите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа