Канческа-Милевска и Недељковиќ во Велес ја добија наградата „9 Ноември“

На министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и на заменик-министерот Драган Недељковиќ денеска во Велес им беше врачено највисокото признание на општината Велес за афирмација и популаризација на градот, наградата „9 Ноември“. Наградата претставува признание на заложбите што Министерството за култура ги реализираше во изминатиот период во насока на збогатување на културната понуда на градот Велес и негување на неговите културно-историски знаменитости.

Наградите им беа врачени на свечена седница во салата „Бели Мугри“ по повод обележувањето на 9-ти Ноември, Денот на општина Велес, како и 70-годишнината од неговото ослободување. На присутните им се обратија градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев и претседателот на Советот на општината, Александар Колев.

По примањето на највисокото признание на Велес, кој е нејзин роден град, министерката Канческа-Милевска истакна дека наградата и е мотив повеќе да продолжат со посветеност, енергија и љубов да го унапредуваат развојот на сите сегменти на културното живеење на градот.

На свечената седница беше врачено и годинашното признание наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2014 на актерот Јордан Витанов од Велешкиот народен театар и на професорот невропсихијатар во пензија д-р Јордан Јовев.

Наградата најстудент „проф д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за 2014 година му беше доделена на Кирил Дончов, студент на Филозофскиот факултет при УКИМ Скопје, односно на групата историја на уметноста со археологија со просек 10, а кој е и добитник на бројни сертификати и дипломи.

На свечената седница во Велес беше врачена и Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2014 година на актерот Александар Ѓеоргиев.

Во рамки на богатата програма на општина Велес, претстојниот празник 9 ноември и одбележување на 70 години од ослободувањето на Велес, денеска беа пуштени во употреба кружниот тек кај Штипско џаде на влезот во Велес, како и паркот „Градска куќа“ во поранешниот Офицерски дом, а сега во сопственост на општината. Програмата со голем број културни настани продолжува вечер и во наредните два дена.

07.11.2014 - 17:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега