Тачи: Нема делумни решенија за формирање на власта
Лидерот на Демократската партија на Косово (ДПК) Хашим Тачи денеска нагласи дека нема да има делумни и импровизирани решенија за формирање на власта, реагирајќи на одлуката на опозициската коалиција ВЛАН да прифати на неговата партија да му припадне местото претседател на Собранието на Косово.
- Не сакаме да бираме претседател на Собранието на Косово ако нема политички договор со ДПК и за владата на Косово. Делумни и импровизирани решенија нема да има бидејќи Косово и неговите граѓани сакаат легитимна, ефикасна и стабилна влада. Уште еднаш тврдам дека сите активности на ДПК во иднина, како победничка партија ќе бидат во согласност со законот, Уставот и волјата на граѓаните на Косово , напишаТачи на Фејсбук.
Тој посочи дека решавањето на политичката криза, во која западнаа косовските инститции по изборите одржани во јуни, бараат политичка мудрост и оти „нема повеќе време за аматерски политички експерименти, туку сега е моментот да ја материјализираме волјата на граѓаните изразена на избори“.
- Сега постојат две опции кои треба да ги земеме предвид сериозно и брзо. Првата и најдобра е да седнеме и да најдеме најдобро решение за земјата и граѓаните кои се уморни од чекање. Другата опција е да седнеме и повторно да одлучиме кој ќебиде датумот на вонредните избори, наведе Тачи.
Коалицискиот блок ВЛАН денеска одлучи да го отстапи местото претседател на Собранието на ДПК на Тачи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа