Владата организира Саем за вработување во Струмица

Саемите за вработување на кои се одржуваат директни средби меѓу работодавачите и активните баратели на работа веќе почнаа да даваат резултати. На 25-ти ноември, Саем за вработување ќе се одржи во Струмица.

Досега се вработени 160 лица кои ги поднеле своите апликации на овие саеми, во разговор со компаниите кои таму нуделе работни места.

Како што денес истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, овие саеми и натаму продолжуваат како место каде се одржуваат организирани средби меѓу понудата и побарувачката на работна сила.

На 25 ноември ваков саем ќе се одржи во Домот на културата во Струмица и ќе трае од 11 до 14 часот.

Саемот е составен од три компоненти: Ќе се одржи организиран настан со голем број на компании кои пред барателите на работно место ќе ги презентираат профилите на работник кои ги нудат, а барателите на работа со нив ќе можат да разменат информации, биографии и да ја продолжат комуникацијата. Вториот сегмент е организиран форум со работодавците од Струмица и струмичко, а третиот сегмент е мотивациски обуки за процесот на барање на работа.

На обуките ќе присуствуваат и лица кои досега биле вработени преку оперативните мерки на Владата.

За саемот во Струмица досега се пријавени 50 компании од различни дејности, а заинтересираните се уште имаат време да се пријават во АВРМ и на нивниот интернет сајт.

По Струмица, Саем за вработување е планирано да се одржи и во Битола.

 

 

Оцени ја веста

21.11.2014 - 12:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега