Груевски: Работиме на гасификацијата која ќе ги намали трошоците на домаќинствата и бизнисот

Работиме на процесот на гасификацијата, кој треба да ги намали трошоците за фабриките и домаќинствата, а ќе донесе добробит и од еколошки аспект, изјави вечерва премиерот Никола Грувески. 

- Во декември, односно во јануари следната година треба да се одржи електронска аукција за гасификација на Скопје, на која ќе се наддаваат две компании, кои се влезени во финална фаза. Таа што ќе понуди подобра понуда ќе ја добие концесијата за 20 години, рече Грувески во интервју за Дневникот на ТВ Сител.

Тој подвлече, дека по електронското наддавање ќе следува потпишување на договорот. Избраната компанија потоа ќе треба да инвестира 100 милиони евра за поврзување за дотур на гас до домакинствата и фабриките. 

Следно е, посочи, гасифицирање на Источна и Западна Македонија.

- Ние имавме обид за привлекување на концесионери, но заврши неуспешно. Но има заинтересирани, кои доцна не известија дека не успеале да ја подготват целата документација. Ние оставивме законскиот рок да истече, по што ќе објавиме нов јавен повик. Ќе го избереме оној кој ќе понуди најдобра цена, вели премиерот Груевски посочувајќи дека тоа се однесува за секундарната гасификација.

За примарната гасификација, која значи поврзување со гас од град до град со цевковод, рече, во завршни разговори се со ЕБОР, но се разговора и со други можни инвеститори, а се разгледува и можноста за објавување јавен повик за наоѓање јавно приватно партнерство.

За постојниот договор на Македонија за снабдување со гас, рече дека не е искористен ниту половина од можностите, но се работи на обезбедување други извори на природен гас.

- Тоа се 800 милиони кубни метри капацитет. Но, се цени дека и таа количина во услови кога брзо ќе се зголеми бројот на фабрики ќе биде малку. Така што веќе планираме договор со Грција за спојување со нивниот гасовод, којшто доаѓа од атинското пристаниште. И за тоа бараме начини да се заврши. Ја разгледуваме и можноста за поврзување со интерконективниот гасовод во Бугарија. Ќе одиме и на двете варијанти. Добро е Македонија да има повеќе од два извора на снабдување, рече премиерот Груевски. 

 

 

Оцени ја веста

23.11.2014 - 10:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега