До крајот на годината по 8.500 денари на сметките на македонските работници

 

Синдикатот бесплатно ќе ги застапува на суд работниците кои ќе сакаат да тужат ако не им е исплатен регресот и во тој случај освен што ќе мора да им исплати К15, ќе треба да им плати и 20.000 денари.  

Работодавците од приватниот сектор имаат уште само еден месец на своите работници да им исплатат регрес за годишен одмор. Доколку до крајот на годината не го сторат тоа, ќе се соочат со казни од трудовите инспектори, а и со тужби од работниците.  Исплатата на К15 почна на 1 јули годинава, но до денес нема конкретен податок колку работодавци ја исполниле оваа обврска. Заклучно со декемвриската плата која треба да биде исплатена до 15 јануари, регресот во износ од 8.500 денари мора да ви биде платен.

Во Управата за јавни приходи немаат евиденција, затоа што уплатата на К15 не ја водат посебно, туку во рамките на пресметката на бруто-платата. Според најновата анализа на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), досега 40% од приватните фирми во државата на своите работници им го поделиле регресот.  Претседателот на ССМ, Живко Митревски, е оптимист дека до крајот на годината оваа обврска ќе ја реализираат и преостанатите работодавци, ако не поради друго, тогаш затоа што ако работниците тужат, ќе треба да платат многу повеќе од 8.500 денари, колку што е минималната висина на К15.

- Очекувам дека до крајот на годината оваа обврска ќе се исполни, зашто ако не се исполни, последиците по работодавците ќе бидат далеку поголеми отколку кога би исплатиле К15. Во име на работниците ние ќе поднесеме тужби во судовите и тогаш трошокот на работодавците наместо 8.500 денари, ќе биде околу 20.000 денари - вели Митревски и објаснува дека на товар на газдите во ваквите случаи ќе паднат и трошоците за вештачење, за пишување и за поднесување на тужбите. ССМ пред неколку месеци најави дека работниците кои нема да добијат К15 бесплатно ќе ги застапува на суд, но засега нема податоци дали некој работник се пожалил за неисплата. Според Митревски, во Синдикатот во подготовка е најновиот деветмесечен извештај за заштита на работниците и во него можеби ќе има таков податок.  Од Трудовата инспекција има најава дека ќе ја контролира исплатата на задолжителниот регрес за годишен одмор, а на работодавците кои нема да го исплатат до крајот на годинава ќе им ги напише законски утврдените глоби, кои вкупно може да достигнат 4.000 евра.  Се проценува дека во приватниот сектор има над 500.000 вработени, но според Колективниот договор, право на К15 имаат само работниците кои во календарската година кај ист работодавец без прекин работеле најмалку шест месеци 

 

 

Оцени ја веста

24.11.2014 - 12:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега