ФОТО: Огромен црковен храм ќе се гради во скопска Гази Баба

Македонска црква "Свето Преображение" ќе се издигне во скопската населба Железара, Општина Гази Баба. Црквата со конаците ќе се простира на градежна парцела од 6.228 метри квадратни со вкупна градежна површина од 4.500м2. 

Христијанскиот храм ќе биде во руски стил со две позлатени турбиња и камбанарија со девет камбани висока 30 метри.   

Идејното решение за црквата беше презентирано викендов пред неколку стотина верници во присуство на отец Ванчо Умленски, а со благослов на Неговото блаженство г.г. Стефан, архиепископ Охридски и Македонски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

Црквата "Свето Преображение" ќе претставува единствен црковен комплекс од ваков вид во Македонија, затоа што во конаците ќе бидат сместени старски дом, детска градинка, центар за дневен престој на стари, центар за дневен престој на деца со игротека, амбуланта, хотел, кујна, ресторан, млечен ресторан, сувенирница, резиденција на скопскиот викарен епископ, дом на руската култура, фонтана и споменик на упокоените Руси во Македонија од 1917 година.  Црковниот комплекс ќе располага и со повеќе игралишта. 

 

Македонската црква "Свето Преображение" е долгоочекувана црква која месното население и верниците од населбата Железара одамна ја посакуваа. За нејзина изградба, од месното население во населбата Железара, во 1974 година формирано е здружение "Бадникова вечер" за организација на бадниковата вечер. Тоа здружение иницира изградба на црква на платото пред кулите до парк-шумата Гази Баба.  На 5 декември 2013 година во Договор за отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба со општината Гази Баба, Македонската православна црква го откупи земјиштето во вкупна површина од 6.228 м2

 

Камен-темелник на црквата и конаците ќе се постави штом ќе се издаде одобрението за градење од општина Гази Баба. Црквата и конаците ќе ги гради Македонската православна црква, но секако ќе помогнат и верниците со донации според можностите, за што Иницијативниот одбор ќе спроведе широка кампања меѓу жителите и верниците во оваа населба и пошироко.  Се очекува осветувањето на камен темелникот да се изврши и градежните работи да започнат на почетокот на идната 2015 година. 

 

 

Оцени ја веста

24.11.2014 - 13:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега