Македонија го презема претседателството со Централно- европската иницијатива

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска во Виена присуствуваше на завршниот состанок од австриското претседавање со Централно-европската иницијатива.

На овој форум Република Македонија го презема претседавањето со иницијативата од страна на досегашниот претседавач Република Австрија, соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавноста.

Премиерот Груевски пред шефовите на влади коишто биле присутни на Централно-европската иницијатива ги истакнал политичките и економските приоритети на македонското претседателство и го претставил нацрт календарот на активности врз основа на кој што ќе се врши реализација на целите и приоритетите.

- Ги истакнав приоритетите на нашето претседавање во наредната година, во кое што освен зачленувањето на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ, како основен политички приоритет ги вброив и економските приоритети, а тоа се приоритети поврзани со градба на инфраструктурата, туризмот, земјоделието и културата. Притоа имав можност да ги истакнам и приоритетите на Република Македонија на политички и економски план кои всушност се преклопуваат со овие регионални приоритети, изјави премиерот Груевски.

На форумот присуствувале премиерите на поголем број држави од Централна и Југоисточна Европа со кои што премиерот Груевски остварил и кратки средби.

- Имав можност да остварам комуникација и разговор со поголем број на премиери, тргнувајќи од австрискиот премиер, домаќинот на настанот Вернер Фајман, а се запознав и разговарав и со премиерот на Италија Ренци, како и со новиот премиер на Словенија Церар со кого што договаравме и одржување на билатерална средба во идниот период. Остварив средби и со хрватскиот премиер Милановиќ, со црногорскиот премиер Ѓукановиќ, со босанскиот премиер Беванда, како и разговарав со поголем број на други колеги кои што беа присутни на настанот. Ова беше одлична прилика да се разменат мислења, да се зајакнат меѓучовечките односи на ниво на премиери, да се споделат информации околу заедничките цели и интеграцијата во Европската Унија, како и економскиот просперитет, раст и развој на регионот. Се на се беше одлична можност за добри контакти, но и одлична можност за промоција на приоритетите на претседавањето на Република Македонија со Централно-европската иницијатива, истакна премиерот Груевски.

Централно-европската иницијатива е една од позначајните регионални мултилатерални инцијативи која што е формирана пред 25 години и која што обединува поголем број на држави од регионот на Средна и Југоисточна Европа кои соработуваат на различни теми од взаемен интерес и на политички и на економски план.

 

 

Оцени ја веста

24.11.2014 - 18:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега