„Фемили Аеродром“: Со среќа нека ви е малата сала, играјте си таму уште 100 години!
Навивачката група на МЗТ Скопје „Фемили Аеродром“ повика на бојкот на мечевите кои се играат во малата сала од СЦ „Јане Сандански“.
Тие обвинија дека нешто не е во ред со оваа сала, поточно со кварцните греалки кои биле штетни по здравјето на луѓето, а то се гледа по здравствената состојба на нивните членови.
Интергален текст од соопштението на „Фемили Аеродром“
Во сезона на грипови,вирози и честа покачена температура ретко кој можеше да замисли дека ќе ни се случи ваква епидемија на заболени со болки и црвенило во очите,главата и респираторниот систем.
Да се запознаеме со историјата и анамнезата на болеста најпрвин. Пред две недели прв пат игравме во малата сала против екипата на Гоце Делчев од Штип. На страна деградирањето на нашиот клуб кој по изградбата на новата сала дел од натпреварите ги игра на помошното игралиште во истата (повторно “секоја чест” за целокупната управа и раководство), но по тој натпревар голем број на луѓе од нашата група, од самата публика па дури и дел од играчите се пожалија на болки и печење на очите, како и константна болка на главата.
Имаше и такви кои сакаа да покренат тужба но повторно заради ненарушување на (релативно) добрите односи со управата и организаторот тоа не се случи иако имаат лекарски уверенија кои можат да им послужат.
Вчера пак, против екипата на Струмица повторно иста песна и натпревар во малата сала а последиците ги гледаме денес: повторно 30-40 луѓе со иста дијагноза и проблеми, и тоа само дечки од нашиот круг на луѓе кои добро ги познаваме и со кои секојдневно комуницираме. Овој пат дали ќе помине сета работа како пред две недели и не сме баш сигурни.
Сега дознавме дека и 4-5 наши играчи се жалат и биле денес на доктор, а исто така и физиотерапевтот и докторот на екипата кој дури завршил и на ургентно! Што се случува не знаеме, ама дека е добро сигурно не е. Од докторите при прегледот некои наши членови добиле информација уште првиот пат дека не биле исклучени некои си кварцни греалки кои што емитирале штетни зраци кои можат оние чувствителните да ги осетат повеќе од останатите.
Првиот пат реагиравме и апелиравме да нема вакви нешта, ама очигледно тоа не стигнало онаму каде што треба т.е знаеме дека стигнало ама на едно уво влегло, а на друго излегло.
Чисто за да ја презентираме и доловиме ситуацијата до Вас цитат помеѓу едно лице вработено во нашиот клуб и еден од повредените играчи (кој седеше веднаш пред нашата трибина):”Кога ти викам да седиш од оваа страна да дојдеш ти одиш од другата” (во овој случај оваа страна е спротивната од нашата трибина).
После ова секој коментар е излишен. Дали луѓето вработени во клубот знаат за проблемите кои ги имаат луѓето, а свесно сепак ништо не превземаат во врска со тоа? Дали постојат такви мозоци кои би го загрозиле здравјето и на играчите од сопствената екипа и стручен штаб, а при тоа да знаат за причинителот на овие лоши работи.
Одговорите навистина не ги знаеме, но веќе ништо не може да не изненади. Она што го знаеме е дека сите понатамошни натпревари кои ќе се играат во малата сала ние како група организирано ќе ги бојкотираме и нема да ги следиме се додека не се превземе нешто во врска со овој проблем.
Овој пат никакви усмени гаранции, телефонски повици и слично нема да бидат од корист бидејќи мора граница да се повлече! Можеби на некој од страна кога ќе го чита ова ќе му биде смешно или чудно но во 2014-та година покрај толку технологии и модернизација да се случуваат вакви работи е навистина трагично. Препорачуваме сите кои имаат сличен проблем да си извадат лекарско бидејќи ова не смее да помине туку-така.
Со среќа нека ви е во малата сала, играјте си таму уште 100 години!
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа