Пешевски: Планските региони претставуваат одлична можност за поголем раст на економијата

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски денес се обрати пред присутните на настанот за Поддршка на регионалниот економски развој: достигнувања и визија за иднината, организиран од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Тој ја потенцираше важноста на развојот на планските региони и реализацијата на проекти од страна на планските региони кои претставуваат одлична можност за обезбедување поголем раст на економијата, креирање нови вработувања, подобрување на образованието и здравјето на граѓаните и обезбедување на подобар животен стандард.

Во своето обраќање Пешевски истакна дека активностите кои ги реализира во соработка со германското Друштво за меѓународна соработка во Македонија (ГИЗ), и поддршката на германската Влада и Владата на швајцарската конфедерација во изминатиот период, се во насоката на реализација на еден од најзначајните проекти од Програмата за работа на Владата во областа на регионален развој.

- Во рамки на програмата за регионален економски развој се спроведе и Грантовата шема основана на перформанси. Искуствата покажуваат дека ова претставува иновативен инструмент за развој на регионални проекти со подобар квалитет и размер, имплементирани преку Центрите за развој на планските региони.Изработени се 28 регионални инфраструктурни проекти подготвени за реализација, која за вакви големи проекти би изнесувала најмалку 33.3 милиони евра, од кои во моментот 5 проекти веќе имаат обезбедено средства за ко-финансирање во износ од 11 милиони евра.Особено важно е да се искористат сите расположливи фондови од домашните и меѓународните извори на финансирање, пред се ИПА фондови за обезбедување на средства за подготвените инфраструктурни проекти преку Грантовата шема, а Центрите заедно со општините да работат реализација на ваквите регионални проекти кои имаат сеопфатно влијание, изјави Пешевски.

Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), кое е организатор на настанот ги спроведува проектите од техничката развојна соработка. ГИЗ е сојузна организација и ја поддржува Сојузната влада во остварување на целите на меѓународна соработка за одржлив развој и меѓународно образование. Главна цел на делувањето на ГИЗ е да придонесе во одржливо подобрување на перспективите и условите за живот на луѓето и на општествата во партнерските земји.

На настанот присуствуваа Министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани, Амбасадорот на Германија, Кристине Д. Алтхаузер, Заменик директорот на мисијата на Швајцарија во Р.Македонија, Катарина Штокер, Директорот на германското друштво за меѓународна соработка во Македонија (ГИЗ) Џејмс Макбет Форбс, како и Раководителот на програмата за рамномерен економски развој, Геролд Шварц.

 

 

Оцени ја веста

02.12.2014 - 14:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега