Невработените лице в лице со работодавците - Саем за вработување во Битола

 

Караванот на Саеми за вработување, во организација на Агенција за вработување на Република Македонија, во четврток продолжува во Битола. Над 70 компании од различни дејности утре ќе ги претстават профилите на потребниот работен кадар.

Саемот, што ќе се одржи во Битолскиот театар од 11 до 14 часот,  е продолжение на активностите на Агенцијата за вработување за организирање средби на работодавачи и лица кои бараат вработување. Ќе претставува можност невработените кои бараат работа но и оние кои сакаат промена на работните места да ги споредат своите квалификации со потребите на пазарот и  да остварат почетни контакти со потенцијални работодавачи. Ќе се одржи и средба на претставници од институции и работодавачи од Битола  на која ќе ги претстават своите идеи, предизвици и предлози, како и ставовите за новиот оперативен план за активни мерки и вработувања, кој ќе стапи во сила од следната година. 

Досега се одржаа саеми за вработување во Скопје, Штип, Неготино, Струмица и Охрид. Според обработените податоци на Агенцијата за вработување, досега се остварени контакти и се дадени над 9.500 поднесоци, а со 2.500 лица работодавачите најавиле дека ќе остварат интервјуа. Благодарение на саемите за вработување во Скопје, Штип и Неготино се вработиле околу 160 лица. Се очекува тој број да се зголеми по реализација на интервјуата и обработката на податоците и од саемите во Струмица и во Охрид.

- На организиран начин ќе дојде до средба на работодавците кои имаат потреба од ангажирање работници и на лицата коишто бараат работа, невработени лица или лица коишто се вработени а амбицираат да се вработат на друга работна позиција и ќе биде добра можност да ги разменат своите видувања и своите идеи, работодавците да ги претстават профилите на работен кадар којшто им е потребен  за ангажирање во работен однос, а лицата коишто бараат работа да увидат дали тие согласно своето образование и своите вештини можат да влезат во рамките на тој профил на работен кадар којшто се побарува од страна на работодавачите, посочи вчера на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

До крајот на годината ќе биде одржан и Саем за вработување во Куманово. 

 

 

Оцени ја веста

03.12.2014 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега