Нови пет милиони дрвца се садат на разни локации низ Македонија

Во Македонија денеска во тек е 14-тата акција за пошумување „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“. Се очекува во текот на денот да бидат засадени над пет милиони дрвца на површина од 1.107 хектари.

Во акцијата на различни локации низ Скопје претпладнето се вклучија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски. Во Велес на локација над езерото Младост дрвца засади и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Попладнево во разеленувањето на скопската општина Аеродром ќе се вклучи премиерот Никола Груевски, а претседателот на државата Ѓорге Иванов во неговата резиденција ќе засади дрвца заедно со децата со посебни потреби од  ПОУ „Св. Климент Охридски“ од Ново Село. 

Се пошумуваат голи и опожарени површини низ сите општини во државата. За акцијата која се одвива под мотото „Стоп за катастрофите“, јавното претпријатие „Македонски шуми“ отстапи 24 илјади повеќегодишни садници за пошумување во урбаните средини, а на урбаните општини им подели 83.000 декоративни садници од пруја, јасен, јавор, бреза, чемпрес и други украсни дрва за пошумување на паркови. На четирите гранични премини со Албанија планирано е да бидат засадени 200 повеќегодишни декоративни дрвја.

Денешниот ден е прогласен за неработен, а општините организираат бесплатен превоз до локациите каде што ќе се пошумува.

Акцијата симболично минатата недела ја почнаа министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и воените аташеа акредитирани во Македонија со разеленување на опожарен појас во близина на велешкото село Папрадиште. Претставници на Министерството за надворешни работи и на дипломатскиот кор во Република Македонија, вчера засадија дрвца во населбата Ново Лисиче.

Акцијата „Ден на дрвото“ се реализира седма година. Почна во март 2008 година и досега се засадени околу 50 милиони дрвца. 

 

 

Оцени ја веста

03.12.2014 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега