Груевски: Садењето дрвца ќе даде резултати во иднина
Премиерот Никола Груевски денеска засади дрвце пред спортската сала „Јане Сандански“ во скопски Аеродром во рамки на 14. акција „Ден на дрвото - Засади ја својата иднина“.
- Со задоволство учествувам на акцијата која ја започна Владата заедно со здружението „Ден на дрвото“ пред повеќе години и веќе стана трандиционална. Речиси секоја година во рамките на оваа акција се засадуваат по околу пет милиони дрвца, а во некои години и повеќе што е одлично за иднината во смисла на здрава околина и чист воздух, изјави премиерот Груевски по засадувањето дрвце.
Тој нагласи дека се надева оти оваа акција ќе прерасне во навика на младите, децата и на оние кои допрва доаѓаат.
- После долгодишното спроведување на оваа акција можам слободно да кажам дека прераснува во една традиција во нашата земја која верувам дека и други држави ќе ја пресликаат кај нив, рече Груевски.
Посочи дека во минатото никогаш не се саделе толку многу дрвја годишно.
- Од информациите што ги имам во Македонија пред доаѓањето на оваа Влада се саделе најмногу 600.000 дрвца, а сега најмалку 4,5 до пет милиони. Тоа е огромна разлика и секако ќе даде свој резултат во иднината. Некој можеби ќе каже дека дел од засадените дрвца нема да успеат, но тоа се случувало и во минатото. Сепак сметам дека е добро што се садат толку многу дрвца зашто тие ќе бидат од помош за сите граѓани во иднина, рече Груевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа