Каде греши Владата

ОСНОВНИТЕ ЧОВЕЧКИ ПРАВА

Најлегитимно право на секој граѓанин во секое демократско општество, е правото на протест. Тоа право им припаѓа и на студентите во Македонија, но и на граѓаните на Фергусон. Разликата помеѓи Македонија и САД е што овдека нема тепање, апсење, национална, гарда, солзавец и убиства.

Студентите и тинејџерите од секогаш имале зошто да протестираат. Против директорот, татка си, менаџерот на дискотеката, учителот... Енергијата на младите луѓе е неразделен дел од нивниот живот.

Дел од студентите и среднишколците решија да протестираат. Нивно право. Никој нема право да им го одземе или попречи. Дали се во право за тоа што протестираат? Тие си мислат дека се. И тоа право никој не смее да им го попречува.

Кога сме веќе кај правата во секое демократско општество, да кажам дека и секој граѓанин на државата има свое право да го пофали, искритикува, изанализира или опише однесувањето на своите сограѓани. Во случајов студентите што протестираа (значи, не сите студенти). Е, тоа пак право, мене никој нема право да ми го одземе или попречи.

ЦЕЛТА НА ПРОТЕСТОТ

Протестот и целите кои се стремат да ги остварат протестантите се обидувам да ги доловам со помош на медиумите. Искрено, тешко некој граѓанин ги разбира целите на протестот! “Да немало екстерно“, е основното барање. Да немало реформи во образованието?! Се да си останело исто!

Доообро. Дали тоа значи дека во високото образование се е во ред? Дали значи дека дипломираните излегуваат со знаење? Дали тоа значи дека не се купуваат дипломи? Значи ли дека имаме квалитетен професорски кадар? Значи ли дека нашите универзитети продуцираат квалитетен кадар од кој сме задоволни кога ке се вработи во државната даминистрација? Значи ли тоа дека Македонија, со исклучок на починатиот Ефремов, има создадено и некој друг светски познат научник? Ако така мислат студентите протестанти, нека го соопштат тоа. Така, сите ние што одамна не сме студенти, ќе знаеме за што се залагаат.

ПОРАКИТЕ ОД ПРОТЕСТОТ

Се обидов да слушнам од оние што настапија со микрофон и озвучување, што им е пораката. Тоа го гледав на Телма, за да не си помислам дека некоја битна работа е скриена! Демек, Телма ќе даде најјако, нај хардкор. И така, го изгледав прилогот за протестите. Најнадобудниот дечко - говорник, беше едно фино потшишно момче, со сива јакна, зелено шалче и жолто свирче. На видеото од вестите на Телма на 4 мин. и 40 секунди. Немаше име на телопот. Најгласен, нај со жар  и со најмногу аплауз беше делот каде кажа: “Да ве интересираше квалитетот, немаше партиски книшки да им барате при вработување. Ќе ги баравте нивните дипломи“!

Па вака. Оставам простор дека Телма извадила лош дел од говорот на момчето. Оставам простор дека имало и други, поинакви пораки. Оставам простор дека новинарката не се снашла најдобро. Но, ако е ова главната работа за која студентите се излезени на улица, тогаш кај мене се зацементира сознанието дека реформите во образованието треба да се донесат, не веднага, ами вчера.

Младиот човек, бунтовник, оратор испрати порака дека тие (тој) имаат единствена амбиција да се вработат во државната администрација! Бидејки нели, ако ВМРО бара книшки за вработување, безбили тоа е таму каде што може, односно во државната администрација и јавните претпријатија. Младиот човек, бунтовник, оратор, незадоволник бара државна служба, сигурна плата и досадна иднина?!

Во барањето на ова момче, ја не видов ништо што е младешки предизвик, желба за истражување на животот, за проверка на своите капацитети, за преземање ризик за да се стигне до повисока цел. Он, според ова со партиските книшки, би бил задоволен ако е службеник во некое министерство. И, толку.  

ЗА ТУЃИТЕ ПЕРЈА

И јас сум организирал протести. Организаторот е одговорен за протестот. Тој не може да спречи да се приклучат други луѓе, провокатри или добронамерници. Не може да се одбрани од луѓе што можат да му наштетат на протестот. Но може јавно, јасно и гласно да се огради од нив и од нивното присатсво. Доколку тоа не го направи, тогаш тие не-студенти што протестораат, стануваат легитимен дел од протестот.

Бидејки оградувањето не се случи, тоа значи дека студентите што протестираа (2 до 3 илјади според НОВА ТВ), се поистоветуваат со изјавите, тврдењата и пораките на луѓето што дојдоа да се китат со нивните перја.

Со туги (студентски) перја дојде да се закити лустрираниот Фрчкоски кој интензивно бара странска интервенција (окупација) во Македонија. Се согласуваат ли со тоа студентите што протестораат? Со студентските перја се закити и Бранко Героски што смета дека Александар Македонски е педер, а дека Македонскиот народ е “гомно на дожд“. Со ова се согласува ли говорникот со зелено шалче? Со туги перја се закити и Мирјана Најчевска која тврди дека Македонскиот народ е глуп. Се согласува ли со ова “снаата во најава“ на Ѓорѓе Иванов?

КАДЕ ГРЕШИ ВЛАДАТА

Превземајки ја старата соц-комунистичка стратегија на фамилиите кај нас “учи сине за да не мора да работиш“, ние преминавме од Социјалистичка во независна Република Македонија. Нова држава, ново општествено уредување, пазарна економија – ама стара стратегија за “нишај врата – земај плата“.

Мене лично, ми приоѓаат стотици луѓе со молба да “им свршам“ работа за вработување нивно или на нивен близок. Исклучително тешко ми е да објаснам дека ниту сакам, ниту можам, ниту имам позиција да “вршам“ таква работа. Дотолку повеќе што сите блиски околу мене не се вработени “државно“, а оние што се вработени се со свои бизниси или се во приватни фирми. Не можат да ме разберат како јас не сум “свршил“ работа за близок свој?! Интересно е дека никој не бара работа со лопата, на нива, градилиште... Сите бараат работа во полиција, царина, јавно претпријатие... Ако се нема факултет, желбата е да се биде чувар! Затоплена чуварница, телефон, телевизор, пиштол на колкот, решаваш кому ќе дигнеш рампа...

По некоја инерција, оваа Влада не што не ја спречи погрешната слика за успешност, ами додатно ја промовираше. Демек, успешен си ако си министер, државен секретар, директор во јавно, началник во полиција, шеф на смена на царина... Тие луѓе што се на тие функции може да се способни, чесни, исполнителни, работливи – но, се службеници во јавната администрација платена од парите што се собираат од даноци. А даноците се собираат од фирмите и претпријатјата кои се приватни. Доколку сите би се вработиле “државно“, од кад ќе се генерираат пари за плати?

На светска сцена успешни се Бил Гејтс, Ричард Брансон, Пол Ален во бизнисот. Научници, глумци, уметници се успешните. 

За жал, морам да констатирам дека кај нас младите луѓе не сакаат да се бизнисмени, научници, истражувачи, претприемачи... Сакаат едноставно да се административци!? И тоа сознание е трагично. После последниов протест, забетонирано.

На момчето со жолто свирче би му предочил дека нема да му бараат партиска книшка ако сам си отврори компанија. Ако излезе на пазарот. Нема да му бараат книшка ако сака да се вработи во FX3X, Холидеј Ин, Пивара, Алкалоид, Систина, Филип Втори, Ван Хол... Нема да му бараат книшка. Ќе му бараат да е одличен студент, не бубалица. Да е креативен ум. Да сака да се надградува и специјализира. Ќе му бараат да не биде корисен идиот.  

Оваа Влада има должност да ја промовира успешноста на оние што не примаат “државна“ плата. Но, таа промоција да не биде само со спотови и телопи, ами и на терен. Со дела. Бидејки младите луѓе си имаат, или си создаваат свои идоли, или перспективи за иднината. Некој сака да стане Перо Антиќ, ама друг сака да биде шеф на царина.

ЗА КРАЈ

Дали е премногу да очекувам при следниот студентски протест да има барања за повеќе усовршувања, специјализации, истражувања, наука... Да се каже, малку е ова Владата што испраќа и субвенционира, мора повеќе.

Дали би било премногу да очекувам меѓу студентите да преовладаат оние од продуктивните факултети: Градежен, Електро, Хемиски, Билогија, Информатички... И оние од науката: исторја, географија, лингвистика, археологија...

Дали би било премногу да очекувам да не доминираат студентите од најнепродуктивниот факултет – Правниот?! Оти оние што таму ќе завршат може да станат адвокати, судии, обвинители... Тоа не донесува вишок на вредност во државата. На Македонија и требаат инженери, информатичари, доктори... А адвокати, хмммм.... Па адвокат дури и Мики Вуиќ може да биде.

И, дали може да очекувам функционерите на СДСМ и платениците на Сорос да не ја преземаат заслугата за собирање на 2-3.000, или 10.000 студенти, се едно.

Дали може да очекувам Фрчко, Геро, Орданоски, Ѓунер, Коче, Ванковска да не го кородираат овој студентски протест? Да  ги остават студентите сами да си стигнат до целта.

Миленко Неделковски за Параходот

 

 

Оцени ја веста

11.12.2014 - 11:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега