Саудиски инвеститори заинтересирани за Македонија

 

Саудиска Арабија е нов пазар каде Владата ги претставува условите за правење бизнис во Македонија со цел проширување на можностите за да се привлечат нови инвеститори и да се прошири трговската соработка со други земји кои се надвор од Европа. Владината делегација оствари средби со 40-тина стопанственици, кои ги оценија условите за инвестирање како одлични и најавуваат инвестиции во повеќе области.  

- Саудиска Арабија е голем пазар и земја која што има високо ниво на доход и сметавме дека е соодветно да направиме посета и да ги презентираме можностите кои Македонија ги нуди во областа на добрата бизнис клима, ниските даноци и квалитетната работна сила, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој истакна дека тоа беше прифатено од страна на бизнисмените, а некои од нив имале и позитивно искуство и веќе биле запознаени со условите за бизнис кои ги нуди Македонија.

- Некои од присутните инвеститори веќе ја посетиле Република Македонија и имаат поволно мислење за земјата, но добро е уште еднаш да поразговараме поконкретно што можат да направат и на кој начин да дојде до реализација на нивните планови за Република Македонија. Првиот ден имавме средба со 30 до 40 бизнисмени. Ќе продолжиме следните денови со такви бизнис форуми во повеќе места овде со цел да ја објасниме можноста што Република Македонија ја нуди за инвеститорите од Саудиска Арабија. Веруваме дека дел од нив ќе се решат да ја посетат државата и ќе размислат за нивните инвестиции, рече Ставрески.

Калид Ал Тавил, кој е стопанственик со повеќе успешни бизниси од сферата на недвижностите, технолошката индустрија и градежништвото и извршен директор на компанијата „Леурон“, го посочи неговото позитивно искуство од претходна посета на Република Македонија.

- Условите за бизнис во Македонија се одлични, едни од најдобрите кои ги имаме видено, во поглед на инфраструктурата, во однос на вештините на работната сила, пријателската средина. Даночниот систем е, исто така, одличен и мислам дека Владата прави одлична работа во поглед на создавањето услови за привлекување нови инвестиции. Споредено со други региони за инвестирање, условите се многу добри и државата е меѓу најдобрите за инвестирање. Јас сум краен оптимист дека работите ќе се одвиваат многу добро и ќе има брз напредок во инвестициите во годините што доаѓаат, изјави Ал Тавил.

Во однос на можните инвестициски планови поврзани со државата рече дека размислува и ги разгледува можностите за инвестирање во повеќе области.

- Да, имаме план за проширување на нашата дејност во 2015-та, како и во 2016 година, во областите што ги покриваат човечките ресурси, во поглед на тренирање и обука, како и во областа на недвижностите, туризмот и градежништвото, изјави Ал Тавил кој посочи дека плановите се развиваат и изрази надеж за нивна успешна реализација.

Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Висар Фида го објасни значењето на економскиот дел од посетата и се задржа на секторите за кои е пројавено интерес од страна на инвеститорите, а во кои области Владата има постигнато добри резултати.

- Имавме средба со повеќе компании овде во градот Ријад во Кралството Саудиска Арабија. Меѓу другото, оваа држава е интересна за нас поради тоа што е една од најбрзо растечките економии во овој регион на светот. Компаниите на кои што им ги презентиравме можностите за инвестирање во Република Македонија изразија интерес во повеќе сфери како што е инфраструктурата, земјоделството и туризмот, изјави Фида.

Тој посочи дека со оние кои ќе пројават зголемен интерес за можно инвестирање Владата ќе остане во контакт и ќе се труди да излезе во пресрет на нивните инвестициски планови.

Саудиска Арабија како брзо растечка економија е значаен економски пазар и е интензивно насочена кон дисперзирање на економскиот капитал. Пред стопанствениците владиниот економски тим ги посочи поволностите за реализација на странски инвестиции кои ги нуди Република Македонија како што се ниските даноци, квалификуваната работна сила, развојната инфраструктура и олеснетите бирократски процедури. 

 

 

Оцени ја веста

15.12.2014 - 12:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега