Повеќе инвестиции и нови вработувања во 2015-та

 

На вчерашната отворена седница на Владата за следната 2015 година беа најавени повеќе странски инвестиции. Заинтересирани за инвестирање во Македонија се американски, германски, но и италијански, турски и словачки компании.

Бил Павлески, министер за странски инвестиции без ресор, информираше дека германска компанија донела одлука за инвестирање во Република Македонија и оти како локација бил избран градот Прилеп.

- Се работи за фирма која инвестира во нова технологија која се употребува во автомобилската индустрија. Се работи за пластично моделирање на компаненти кои влегуваат во автомобилските делови. Оваа нова технологија и како инвестиција е добредојдена во Република Македонија, изјави Павлески.

Инвестицијата е делумно објавена на минатиот бизнис форум во Франкфурт, но официјално тоа се уште не е направено.

- Тоа ќе го направат кон крајот на јануари и почетокот на февруари. Оваа фирма во почетната фаза планира меѓу 200 и 300 вработувања, изјави Павлески.

Друга фирма од Германија, како што кажа тој, селектира парцела во ТИРЗ 1 во Скопје и тие ќе започнат со градба на фабриката оваа пролет. - Немаат објавено одлука. Во фаза сме на формализирање на договорите. Тие имаат конечна одлука да инвестираат во Република Македонија. Ќе има околу 500 до 600 вработувања. Инвестицијата би била околу 30 милиони евра, и ова е високотехнолошка индустрија. Ќе вработуваат доста висококвалификувана работна сила. Ќе произведуваат разновидни електрични уреди, изјави Павлески.

Министерот информираше дека во завршна фаза се разговорите и за инвестиција во источниот дел на Македонија, регион каде што има голема невработеност.

- Оваа фирма би произведувала делови од автомобилската индустрија. Се работи на конкретизирање на договорите со оваа фирма и кога тоа ќе се направи оваа инвестиција ќе биде објавена, изјави Павлески, кој смета дека до февруари би можело инвестицијата да биде објавена. Република Македонија, според него, е прифатена како најдобра можна локација за инвестирање. 

Павлески посочи дека заинтересирани за инвестирање во Македонија се уште две фирми. Едната од и нив е американска и планира да отвори кол центар за компјутерска технологија во Македонија. - Тие се од Лос Анѓелес. Потврдија дека ќе ја посетат Македонија со голема група вработени кои сакаат за време на посетата да направат интервју со 50 ИТ-инженери и ако констатираат дека имаме доста солидна работна сила во тој сегмент би ги ангажирале и би отвориле фирма при самото доаѓање во јануари, изјави Павлески. 

Италијанска компанија е во фаза на одлучување за инвестирање во Македонија, во кичевскиот дел, каде би произведувале стролбови за далеководи. 

Се финализира постапката  со голема меѓународна фирма која работи во областа на аутсорсинг на бизнис процеси и која јавно котира на берзата во Њујорк.

- Оваа компанија ќе создаде околу 1.000 нови професионални работни места. Фирмата ќе вработува млади лица кои дипломирале и кои имаат одлични познавања од англискиот јазик, истакна министерот без ресор за странски инвестиции Џери Наумоф, на отворената владина седница.

Платата ќе биде многу добра, додаде тој и истакна дека за вработените ќе следат 10-недлени платени обуки. Од компанијата се надеват дека со ангажирање и обука на вработените ќе започнат до крајот на февруари.

Министерот Веле Самак информираше дека по празниците се очекува американска компанија, која би вработила 2.500 лица во северозападна Македонија, да донесе конечна одлука за инвестирање во земјата.  

- Се работи за американска компанија која има седиште во Минхен. Фаворит за инвестирање остана регионот во северозапдна Македонија. Направија уште една посета на земјата и начелно ни кажаа дека ќе ја предложат Македонија и се надеваме дека за еден месец поради празниците тоа да се официјализира. Тие ги проверија и можните локации и начинот на кој би почнале и профилот на луѓе. Тоа би било поголема инвестиција, изјави Самак. 

Нивниот план е во рок од пет години тие да имаат вработено 2,5 илјади луѓе така што би биле едни од позначајните работодавци во тој регион.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека од оваа компанија информираат дека оптималната големина на фабриката е три илјади вработувања, но смета дека реално бројката на вработувања ќе биде 2,5 илјади. Според него, оваа компанија ја става Македонија во државите со повисок приоритет бидејќи нуди поголем интензитет на државна помош. 

Премиерот Груевски се интересираше за преговорите со две белгиски фирми и една швајцарска кои пројавија интерес за инвестирање во Македонија. 

Министерот Висар Фида информираше дека едната белгиска компанија, која е од областа на земјоделието, веќе доставила бизнис план.

- Се работи за компанија која сака да инвестира во збирен центар за јаболка и сакаат на десетина хектари тие самите да засадат јаболка, рече Фида. 

Втората компанија сака да отвори погон за производство на грејни тела, додека третата е швајцарска компанија од автомобилската индустрија која разгледува четири земји во регионот.

- Неофицијално ме информираа дека ќе останат да ја разгледуваат само Македонија и оти многу скоро ќе донесат одлука, изјави Фида.

Според него, овие компании би требало во првите три месеци од 2015 да донесат одлука. 

На седницата беше посочено дека за инвестирање во земјата има и заинтересирани турски и словачки компании и оти во првите три месеци од 2015 се очекува да има поконкретни информации.

 

 

Оцени ја веста

22.12.2014 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега