Електронско полагање за сертификати за меѓународен транспорт

 

 

Првата група професионални возачи денеска  по електронски пат го полагаат испитот за добивање сертификат за учество во меѓународниот патен сообраќај. Почетокот на ваквиот начин на полагање во Испитниот центар во Скопје го означи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. 

- Владата измени голем број на закони и сите сертификати, дозволи и уверенија во иднина ќе се добиваат по електронски пат. Министерството за транспорт и врски прво го спроведува електронскиот начин на полагање на испит, а денеска се полага за сертификат за возачи за меѓународен превоз. Испитот има 45 прашања и се смета за положен доколку се одговорат минимум 70 отсто од прашањата, односно доколку има најмалку 32 точни одговори. По завршувањето на полагањето веднаш се добиваат резултатите, изјави Јанакиески.

Тој посочи дека со овој начин на полагање на испитите воопшто нема инволвирање на човечки фактор.

- Полагањата се организираат еднаш месечно како што правевме и претходно, но тогаш полагањето беше во хартиена форма. Сега е полесно бидејќи лицата кои полгааат ги знаат прашањата кои се објавени јавно на веб-страница. Во конкретниов случај  станува збор за 500 прашања и секој кој денеска полага имал можност да ги види и да се подготви. Сертификатот важи пет години, дел од лицата кои денеска полагаат го обновуваат, а дел се за нови сертификати. Секој од нив добива различни прашања, рече Јанакиески.

Билјана Муратовска од МАКАМТРАНС како позитивно го оцени електронското полагање на испитот за добивање сертификат за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај. Таа смета дека електронскитоначин на полагање на испитот ќе ги принуди возачите да ги научат прашањата зашто нема до каде да препишуваат и кој да им шепоти.

- Од возачот зависи реномето и успешноста на транспортната компанија. Казните во Европската унија се огромни и се движат од 3.000 до 25.000 евра што покажува дека заштитата на превозната компанија многу зависи од возачот, изјави Муратовска 

Таа прецизира дека сертификатот што ќе го добијат возачите е еден вид  диплома која покажува дека се професионални и оти ги познаваат законите и прописите.

- Начинот на полагање сега не дава да не се знае. На почетокот можеби ќе им биде тешко на возачите барем од постарата генерација бидејќи немале пристап до компјутери, но ние брзо учиме исто како што беше и со аплицирањето за ЦЕМТ дозволите. Секој возач што сака да вози надовр од државата мора да поседува сертификат за стручна компетентност, односно за учество во меѓународниот транспорт. Ова не е ништо ново, бидејќи и во поранешната СФРЈ секој возач полагаше државен испит, рече Муратовска.

Сертификатот е со важност од пет години и административната такса за негово добивање чини 100 денари. За обуката за полагање, во зависност од тоа дали лицето кое полага е член на Синдикатот на возачите или не, ќе треба да се овои 5.000 или 6.000 денари. 

Во Македонија има над 15.000 лица кои поседуваат сертификат за учество во меѓународниот патен сообраќај. Сертификатите важат во цела Европа и се даваат на национално ниво. Доколку некој македонски возач сака да вози за странска компанија мора да поседува ваков сертификат од државата во која е регистрирана компанијата. 

 

 

Оцени ја веста

23.12.2014 - 14:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега