Стартува обврската за поседување енергетски пасоши
Со почетокот на Новата 2015 година стартува и обврската за поседување енергетски пасош, односно серитификат за енергетски карактеристики на зграда со кој се покажува дека градбата ги исполнува условите за енергетска ефикасност предвидени во Законот за енергетика. Сертификатот ќе го издава овластено правно лице и без него градбата нема да може да се стави во употреба, а ќе важи 10 години.
Од денеска сите субјекти што сакаат да градат нов објект ќе бидат обврзани да извадат сертификат за енергетска ефикасност. Со тоа, сметаат одговорните, ќе се воведе целосна контрола во спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност, почнувајќи од проектната документација, па се до финализирањето на објектот и неговото предавање во употреба.
Обврска да поседува енергетски пасош, согласно Законот за енергетика, ќе имаат новите згради и објекти, зградите кои се подложени на значителна реконструкција што, пак, подразбира вкупната инвестициска вредност на реконструцијата да е поголема од 25 отсто од вредноста на зградата или повеќе од 25 проценти од површината на обвивката на зградата да е предмет на реконструкцијата, згради кои се продаваат, згради кои се издаваат под закуп и згради што се во сопственост или се закупени од лица од јавниот сектор или се згради од јавен карактер.
Од обврската за прибавување на сертификат за енергетска ефикасност се ослободени индивидуалните објекти, зградите заштитени со посебен акт поради нивното посебно архитектонско или историско значење, зградите кои претставуваат недвижно културно наследство и споменички целини и меморијални споменици, згради за верски обреди или други религиозни активности, згради кои се користат привремено со време на користење од две години или помалку, производни хали, индустриски згради, работилници, магацини и нерезиденцијални згради за земјоделска дејност кои имаат мала побарувачка на енергија. Исто така, осолободени се и зградите за домување кои се користат или се направени со намера да се користат за период помал од четири месеци во текот на годината, самостојни згради со вкупна корисната површина помала од 50 метри квадратни, времени објекти, помошни згради на системите за електронски комуникации, згради кои не се греат или се греат на температури до +12 степени и засолништа.
- За зградите и градежните единици кои се продаваат или се издаваат под закуп е потребно да се обезбеди сертификат за енергетски карактеристики. Притоа, продавачите или закуподавците на згради или градежни единици се должни на купувачите или на закупците да им го предадат сертификатот за енергетски карактеристики на зградата во оригинал или копија заверена од нотар, објаснуваат од Министерство за економија.
Оттаму посочуваат дека обврската на сопствениците на недвижности да поседуваат енергетски пасоши за зградите е дел и од законодавството на Европската унија, кон кое Македонија ги приспособува своите регулативи.
- Сопствениците на недвижности кои не планираат да ги продаваат градбите не мора да поседуваат сертификат за енергетска ефикасност. Но, ако во иднина решат да ги огласат на продажба, задолжително ќе треба да го набават документот. Енергетскиот пасош ќе биде задолжителен и при добивањето одобрение за градба, истакнуваат од Министерството за економија.
Енергетскиот пасош, појаснуваат, е елаборат што содржи податоци за енергетската класа на објектот и ја покажува годишната потрошувачка на топлинската енергија за греење. Можат да го издаваат трговци поединци или правни лица со лиценца за вршење на енергетска контрола. Тие ќе издаваат сертификат со кој се потврдува дека минималните барања за енергетска ефикасност кои се содржани во основниот проект се во согласност со минималните барања за енергетска ефикасност утврдени во Правилникот за енергетски карактеристики на зградите. Формата и содржината на потврдата е пропишана од страна на Министерот за економија со подзаконски акт. За издавање на потврдата трговците поединци или правните лица со лиценца за вршење на енергетска контрола ќе наплаќаат надоместок, чија максимална висина ќе ја пропише Министерот за економија со подзаконски акт. Во моментов цената е 30 денари за метар квадратен.
- Во изминатиот период беше спроведен процес на полагање на испити за енергетски контролор и досега се издадени 11 лиценци за вршење на енергетска контрола. На овој начин практично се создава пазар на услуги со кои се овозможува преку систем на проверка на карактеристиките на постојните згради и градежни единици да се издаваат сертификати за енергетски карактеристики на зградите, велат од Министерството за економија.
Законот за градење, пак, предвидува од 1 јануари 2015 година да се изрекуваат казни од 1.000 до 3.000 евра на физички и на правни лица кои нема да обезбедат сертификат за енергетски карактеристики на зградата.
МИА
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа