МОСТ: Вчерашното гласање спроведено ефикасно

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од шесте регионални координатори, прелиминарната оценка е дека вчерашното гласање било спроведено ефикасно, но во одредени избирачки места и надвор од нив во тензична атмосфера која не придонесува кон градење на демократска култура и позитивен имиџ за изборниот процес во Република Македонија, соопшти денеска Граѓанската асоцијација МОСТ.

Како и во претходниот изборен круг, на одредени избирачки места во општина Центар се појавиле лица за кои имало сомневање дали живеат во општината. Сепак, фактот што Избирачкиот список повторно предизвика проблеми, а со тоа и недоверба во целокупниот изборен процес, укажува на потребата од итна интервенција која ќе придонесе кон отстранување на сите аномалии во Избирачкиот список, како и утврдување на одговорноста за евентуалните пропусти при ажурирањето на истиот, информираат од МОСТ.

Во текот на денот во општина Центар, како што велат, биле забележани случаи на обиди за манипулација на граѓаните за денот на одржување на изборите, обиди за демотивирање и обесхрабрување на граѓаните да излезат и да гласаат преку саботажи и методи кои воопшто не придонесуваат кон градење на демократска култура и позитивен имиџ за изборниот процес во Република Македонија. 

Набљудувачите на МОСТ во општина Долнени забележале семејно гласање, додека пак на избирачките места во Струга и Ѓорче Петров гласањето генерално се одвивало без нерегуларности.

MIA

најчитано сега