Беџети: Не можеме да ја забрзаме екстрадицијата на првообвинетите за масакрот кај Смилковци

 

Денеска македонскиот министер за правда Блерим Беџети изјави дека министерството за правда нема правна регулатива за да преземе какви било дејствија за побрза екстрадиција на двајцата првообвинети во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои го извршија масакрот кај Смилковското езеро.

- Министерството ги има преземено сите неопходни активности и согласно законите не може да влијае дополнително на екстрадицијата која е во рацете на косовските власти. Јавноста е веќе информирана дека во Приштина почна судскиот процес против нив поради нелегално поседување оружје. Имало одлагање поради неприсуство на еден од адвокатите, но имајќи предвид дека случајот не е комплициран, се надевам на брз судски епилог, изјави денеска министерот за правда.

Тој во врска со сомнежите дека некој ги штити првообвинетите за масакрот кај Смилковци, Беџети упати апел да не се приоѓа со шпекулации на, како што рече, ваков чувствителен случај.

- Прв пат слушам за вакви сомнежи и апелирам за ваков чувствителен случај сите да придонесеме и да нема простор за разни шпекулации, рече Беџети.

Инаку, денеска во скопскиот Кривичен суд продолжи судскиот процес во кој на Демири и Исмаиловиќ им се суди во отсуство за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро што се случи лани на 12 април. Во судницата беа останатите од групата обвинета за тероризам и помагање тероризам, Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири и Хаки Азири. Се изведуваа материјални докази.

најчитано сега