Индија задоволна од можностите за инвестирање во Македонија
Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски ја продолжува посетата на Индија каде пред индиските бизнисмени ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.
Ниските даноци и поволностите што им се нудат на странските инвеститори ќе бидат претставени пред претставници на индиските компании од Калкута и Џајпур.
Вчера бизнис форум се одржа во градот Ченаи каде индиските бизнисмени беа импресионирани од условите за водење бизнис во Македонија и отвореноста на Владата за соработка со потенцијалните странски инвеститори.
- Импресиониран сум од презентацијата на премиерот. Владата е пријателски настроена кон инвеститорите и отворена за партнерства, бенефициите кои ги нудите за водење бизнис, даноците, поволностите за тренинг и обука се многу привлечни за индиските компании. Главната работа која што е суштинска за бизнисот е што Македонија може да биде база од која ќе се стигне до 650 милионскиот пазар во цела Европа. Многу е направено од премиерот и Владата, за Македонија да биде потенцијално место за инвестирање во повеќе сектори: фармацевтската индустрија, прехранбената индустрија, земјоделството, информатичка технологија. Задоволен сум што имав можност да слушнам многу позитивни и привлечни работи за можностите за инвестирањето на индиски компании во Македонија, изјави Тетра Ашок, директор на Тајлор Рабер Груп и претседавач на индискиот Национален совет на индустријата.
Премиерот Груевски на бизнис форумот истакна дека Владата е ориентирана кон поддршка на бизнисот и е пријателски расположена кон бизнис заедницата, отворена и достапна за контактирање.
- Ако има некој предизвик може лесно да дојдете до некој директор, министер и до премиерот. Ако дојдете и ги посетите странските компании кои инвестирале тоа ќе ви го потврдат, истакна премиерот Груевски.
Посочувајќи дека Македонија постигнала голем напредок во реформата на Централниот регистар, Груевски истакна дека државата е број еден во Европа во овој поглед и 6-ти во светот.
Нагласи дека државата инвестира во отворени слободни економски зони, каде што секој инвеститор во првите 10 години е ослободен од плаќање данок на добивка и персонален данок. Посочи и дека во насока на натамошна либерализација на движењето на капиталот се овозможи странски државјани слободно и директно да купуваат недвижности и градежно земјиште. Додаде дека се вложува и во развој на знаењето во информатичките технологии со што во последниот период значително се зголеми пенетрацијата на интернет, се отвори нов универзитет за информатички технологии, каде се студира на англиски јазик и се врши зајакнување и на останатите факултети за информатичка технологија.
Во составот на македонската делегација се и министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски.
Градот Ченаи, каде се одржа бизнис форумот, е најголемиот комерцијален и индустриски центар во Јужна Индија, каде главниот акцент е развојот на автомобилската индустрија, како и градежништвото, информатичката технологија, филмската индустрија, а со БДП од 66 билиони долари е на листата на 10 најбрзо растечки градови во Индија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа