НБРМ: Економијата и натаму закрепнува со солидно темпо
Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
Како што се наведува во соопштението, економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци, а ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика.
Од НБРМ истакнуваат дека излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.
Според Комитетот, најновите макроекономски показатели, не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, објавените податоци за БДП за третиот квартал покажаа нешто посилен раст на економијата во однос на очекувањата. Притоа, секторски гледано, растот е дисперзиран, а гледано од аспект на побарувачката, структурата на растот во ова тримесечје е нешто поповолна во однос на очекуваната, а импулсот од инвестициите е посилен од очекуваниот, за сметка на послабиот ефект од приватната потрошувачка.
Високофреквентните податоци за последниот квартал на 2014 година упатуваат на натамошен раст на домашната економија, со, веројатно, слично темпо како и во претходниот квартал. Континуитетот на растот на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, со исклучок на градежните работи, коишто при висока споредбена основа и понатаму бележат годишен пад.
Инфлацијата во декември 2014 година на годишна и на збирна основа, е негативна и изнесува 0,5 отсто и 0,3% отсто, соодветно. Просечното годишно намалување на цените во 2014 година главно е резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и цените на енергијата. Во соопштението стои дека карактеристично е што во последниот квартал се забележува постепено исцрпување на негативниот придонес на цените на храната, додека негативниот ефект на цените на енергентите станува поизразен, што соодветствува со остриот пад на цените на нафтата на светскиот пазар. При присутни пренесени ефекти од падот на цените на храната и енергијата, надолни придвижувања бележи и базичната инфлација, која веќе четврт последователен месец е во зоната на негативни годишни промени, иако во просек за цела 2014 година останува во позитивна зона и изнесува 0,6 отсто.
По високото акумулирање на девизни резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата, во последниот квартал девизните резерви беа речиси непроменети. Движењата на девизниот пазар беа поволни, при што во декември беше откупен висок износ на девизи. Промените на девизните резерви се нешто поповолни од очекуваните, при што расположливите податоци за надворешниот сектор укажуваат на тековната сметка, како можна причина за овие поповолни движења. Показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на ниво на девизни резерви коешто е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови. Сепак, со оглед на зголемената неизвесност и сè уште неповолното надворешно окружување, и натаму постојат ризици околу идното движење на резервите.
Првичните декадни податоци за кредитниот пазар во декември покажуваат натамошно засилување на растот на кредитите на месечна основа. Како и во ноември, поголемиот дел од новото кредитирање повторно беше насочено кон корпоративниот сектор, при што кредитите на претпријатијата учествуваа со 87 отсто во растот на вкупните кредити. Со тоа, годишната стапка на раст на вкупните кредити во декември изнесува 10 проценти, што е над проекцијата. Во однос на депозитниот потенцијал, во текот на декември дојде до значително засилување на месечната динамика на раст со што и кај депозитите е регистрирано натфрлање на октомвриската проекција за последниот квартал.
Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се зголеми, што услови натамошен релативно висок интерес на банките за расположливите депозити кај Народната банка. На девизниот пазар беа регистрирани релативно поволни движења, коишто беа одраз на сезонски зголемената понуда, при истовремено умерено намалување на побарувачката на девизи. Во такви околности, Народната банка интервенираше со откуп на девизи од банките-поддржувачи.
Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува, показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Нема ценовни притисоци, економскиот раст е солиден, додека случувањата на кредитниот пазар укажуваат на поволни движења на овој пазар.
При вакви поволни економски услови, НБРМ во следниот период главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и променливоста и неизвесноста околу динамиката на светските цени на енергијата и храната, којашто во последниот период е особено изразена.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа