Груевски гостин во "Јади Бурек": Со финансиските зони до силни меѓународни компании
Нашата идеја е да направиме меѓународна финансиска зона во Скопје. Тоа ќе бидат канцеларии каде ќе привлечеме да дојдат меѓународни финансиски институции, банки, осигурителни друштва, рече премиерот Никола Груевски во синоќешното интервју во емисијата „Јади бурек“.
Според него, две работи треба да бидат сериозен магнет за меѓународните компании.
- Едната е да важат закони кои важат во најкредибилните земји каде одат финансиите, како Англија, Луксембург и слично. Втората е да има многу ниски даноци. Упростено кажано - англиски закони со многу ниски даноци. Тоа очекуваме дека би ги привлекло некои од меѓународните финансиски институции тука да ги отворат своите главни седишта и од тука да раководат дел од своите операции, рече Груевски.
Државата, како што посочи премиерот, нема да добие директно нешто од нив во смисла на даноци, бидејќи даноците ќе бидат многу ниски.
- Тие компании ќе вработат луѓе, ќе ги тренираат вработените да работат по меѓународни стандарди. Тие компании ќе ангажираат адвокати од тука, сметководители... Тие компании ќе купат имот. Тоа се богати луѓе кои ќе доаѓаат и ќе има страничен ефект на нивно трошење, рече Груевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа