Со низа проекти - 2015-та ќе биде година на македонската железница
2015-та ќе ја одбележат крупни промени во македонскиот железнички транспорт. Инвестициите треба да го претворат во конкурентен начин на превоз. Се градат нови пруги, се набавуваат нови товарни и патнички вагони кои ќе ги влечат модерни локомотиви, се менува ликот на железничките станици. Со обезбедени 50 милиони евра, кредит од ЕБОР, Македонски Железници – Транспорт комплетно ќе го обнови возниот парк.
ЛИДЕР направи детална анализа на сето она што е најавено за оваа година. Порталот пишува дека во 2015-та македонските граѓани ќе се возат во нови вагони, дека ќе има нови товарни вагони за бизнисот, за пругата кон Бугарија и за поврзувањето со Грција.
Годинава седнуваме во нови вагони!
По 35 години, кон средината на годинава македонските граѓани седнуваат во нови, модерни возови кои ќе сообраќаат по пругите. Ќе не чинат 25 милиони евра. Се работи за четири дизел и две електромоторни гарнитури, кои ќе ни ги испорача кинеската корпорација CSR, еден од светските водечки производители на вагони и локомотиви, гигант чиишто годишни приходи достигнуваат 16 милијарди долари. Нивниот капацитет за превоз изнесува 1.200 патници, ќе бидат целосно климатиризани, со вакуум тоалети, енергетски ефикасни, достапни за луѓето со ограничена мобилност, по највисоки стандарди за безбедност и сигурност.
„Со воведување на новите возни средства со железничиот сообраќај се очекува и зголемување на обемот на патници кои ќе ги користат нашите услуги. Планирано е и зголемување на фрекфенцијата на возови, што претставува уште еден критериум за подобар квалитет на услугите“ – вели првиот човек на МЖ -Транспорт, Оливер Деркоски.
Овие гарнитури, заедно со двете кои МЖ-Транспорт ги реновираше со сопствени ресури, несомнено ќе го подигнат квалитетот на железничиот превоз на едно повисоко ниво и што е најважно, не се планира нагора корекција на цената на билетите.
„Мислам дека е добро што нема да има корекција на цената на билетите. Јас патувам секој ден со воз до Велес и мислам дека со новите вагони се направи правилен потег“
„Се одржуваат вагоните, но многу се стари. Студено е внатре, дува од сите страни, одамна требаше да се набават нови“ – велат патниците.
Овој проект, заедно со реконструкцијата на скопската и на уште неколку железнички станици долж коридорот 10, ветуваат дека граѓаните по многу децении ќе добијат услуга каква што заслужуваат.
Нови товарни вагони за бизнисот
15 милиони евра се наменети за набавка на товарни вагони. Првата тура од вкупно 150 вагони од ЖОС Трнава веќе пристигна во земјава, а нови вагони ќе доаѓаат и во текот на годинава. Ова за компаниите ќе значи побрз транспорт и пониски трошоци.
„Едниот тип се отворени вагони, наменети за превоз на руда, јаглен, растресита стока. Другиот тип вагони се од рамен тип, за превоз на контејнери за потребите на металната индустрија“ – објаснува Деркоски.
Набавката на новите товарни вагони им оди во прилог на домашните компании, но и на самото Јавно претпријатие МЖ-Транспорт, бидејќи значително ќе му се намалат трошоците. На пример, ако сега тешките локомотиви кои сообраќаат на релација Скопје – Битола – Скопје, дневно трошат и до 1.400 литри гориво, потрошувачката на новите возови се проценува дека ќе се движи меѓу 350 и 400 литри. Математиката е едноставна: МЖ-Транспорт ќе заштеди големи средства.
Нова врска со Грција!
Годинава треба да почне реализацијата на проектот за ревитализација на пругата од Битола до границата со Грција. Ќе го сработи бугарски конзорциум за сума од 20 милиони евра, а градежните работи треба да финишираат за 1,5 година. Од една страна, жителите на Пелагонија ќе добијат нова врска со нашиот јужен сосед, а од друга страна, компаниите од регионот ќе добијат алтернативен пристап до солунското пристаниште. Очекувањата се дека со овој проект значително ќе се зголеми и атрактивноста на индустриската зона Жабени.
Пругата кон Бугарија станува реалност
Железничката врска кон Бугарија и Коридорот 8 за домашните компании ќе значи отворање на пристаништата во Бургас и Варна.
„Овој коридор и железничко поврзување со Бугарија ќе претставува нова порта кон ЕУ, нова врска и со турскиот пазар. Нашите пресметки покажаа дека за 1,5 час ќе се скрати патот до Истанбул, со што на нашите стопанственици ќе им се отворат дополнителни можности да ги развиваат нашите бизниси“ – објаснува Билјана Милошеска, која работи како виш банкар во канцеларијата на ЕБОР во Скопје.
Целата траса треба да биде комплетирана најдоцна со 2022-та година. На средината од оваа година стартува изградбата на втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка, во должина од 34 километри. Договорот за средствата од ЕБОР, во висина од 145 милиони евра, веќе е потпишан. Ќе ги повлекуваме во транши со минамален износ од 250 илјади евра, а Банката обезбедува и дополнителни 670 илјади евра за консултантска помош при реализацијата на проектот. Ова значи дека годинава паралелно ќе се градат и првата и втората делница.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа