Ставрески: Порастот на БДП доказ дека македонската економија оди во добар правец
Порастот на БДП во првиот квартал од годинава е охрабрувачки знак за тоа дека македонската економија оди во добар правец и има добри шанси да ја заврши оваа година како што ја предвидовме - со пораст на економијата, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
- И претходно истакнувавме дека има податоци како што се порастот на индустриското производство, инвестициите и градежништвото коишто укажуваа на тоа дека првиот квартал ќе биде добар и навистина се потврди дека имаме добар резултат посебно што во Европа во истиот период беше остварен негативен економски раст, истакна вицепремиерот Ставрески за МИА.
Коментирајќи го порастот на БДП за 2,9 проценти, Ставрески посочи дека македонската економија расте речиси со три проценти во услови кога во земјите во Европа има рецесија.
- Да се надеваме дека во втората половина од годината и Европа ќе се стабилизира што ќе ни овозможи да оствариме добар економски резултат оваа година и да настојуваме следните години стапката да биде уште повисока, рече вицепремиерот Ставрески.
Според него, радува и тоа што во сите дејности има пораст на БДП што покажува дека порастот не е резултат само на еден или два сектори, туку на подобрата бизнис-клима која што овозможува во сите сектори да се остварат добри резултати.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска во Бечиќи учествува на Самитот на министри и гувернери од регионот.