Ново поевтинување на нафтата - од полноќ ќе возиме бензин по рекордно ниски цени
Денеска на пладне ќе знае новата цена на горивата. Регулаторната комисија за енергетика треба да одлучи дали од полноќ граѓаните ќе ги полнат резервоарите со поевтин бензин. На њујоршката берза синоќа имаше ново намалување на цената на нафтата која се спушти на 45 долари и 59 центи за барел, па поради двонеделниот пад на цената очекувањата се дека ќе има ново поевтинување на бензинот.
На економскиот форум кој до завчера се одржуваше во Давос имаше разни прогнози за тоа колку ќе е просечната цена на нафтата оваа година.
- Средната цена на барел нафта во 2014 година изнесуваше 96 долари. Во моментов е малку подолу од 50 долари. Во 2015 година средната, прогнозирана, цена на нафтата ќе биде 30 отсто пониска (од просечната во 2014-та), односно околу нивото на 60 долари. Тоа ќе додаде половина процентен поен раст на светската економија, што е многу значително – изјави челникот на Светската банка на Светскиот економски форум во швајцарскиот зимски центар Давос
Од друга страна извршниот директор на италијанска нафтена компанија изјави дека цената на нафтата ќе се искачи и до 200 долари за барел доколку ОПЕК не го намали производството.
Економистите ја објаснуваат ситуацијата со зголемувањето на наоѓалиштата во Ирак, Либија и САД, забавувањето на побарувачката во Источна Азија како и стагнацијата во Европа. Кај нас досега ниската цена на нафтата донесе намалување на цената на бензините за 1,5 денар. Намалување имаше и во месната индустрија,додека цените на превозот, облеката, храната останаа исти. Стопанствениците најавија намалување на цените, само доколку падот на цената на енергенсите продолжи и во иднина.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа