Зајакната кредитната поддршка - девизните резерви на соодветно ниво
Банкарскиот сектор ја зајакна кредитната поддршка на економскиот раст, девизните резерви останаа на соодветно ниво, а инфлациските притисоци се намалени, е заклучокот на Советот на НБРМ на денешната седница.
Како што информира НБРМ, како главен двигател на растот останува извозниот сектор, што во најголема мерка е одраз на искористеноста на новите извозни капацитети. Во општи рамки, инвестициската активност даде силен импулс, а приватната потрошувачка продолжи да расте поддржана од растот на расположивиот доход, надополнет со зголемените кредитни текови од домашните банки распределени кај секторот „население“. Структурата на растот во третиот квартал е поповолна, со поголем придонес на инвестициската за сметка на приватната потрошувачка.
Во рамки на надворешниот сектор, во третиот квартал од 2014 година тековната и капиталната сметка забележаа суфицит од 120,4 милиони евра или 1,4 отсто од БДП, што е нешто подобра позиција на тековната сметка во однос на очекувањата, при подобро трговско салдо. Задолжувањето на државата на меѓународниот пазар беше главниот извор на девизните приливи, при што поволните услови беа искористени за обезбедување предвремено финансирање на идните буџетски потреби. Согласно последните расположливи податоци за четвртиот квартал на 2014 година, девизните резерви беа речиси непроменети на квартална основа, а нивната динамика беше нешто поповолна од предвидената во рамки на октомвриската проекција.
Во текот на последниот квартал, кредитната активност продолжи да се зголемува, при што придонесот на кредитирањето на корпоративниот сектор за вкупното кредитирање се зголеми во однос на просечниот придонес во првите три квартали. На крајот на декември, вкупните кредити беа повисоки на годишна основа за 10 отсто, при што прирастот на кредитите во 2014 година беше поголем во однос на истиот во претходната година за 1,6 пати.
Советот на Народната банка го разгледа најновиот Квартален извештај, при што е констатирано дека каматната стапка на аукциите на благајничките записи е задржана на 3,25%. Одлуката основната каматна стапка да не се промени беше заснована врз последното преоценување на макроекономските проекции на НБРМ од октомври и на остварувањата кај клучните макроекономски и финансиски показатели, кои потврдија постоење амбиент на солиден домашен економски раст, којшто не создава нерамнотежи преку инфлациски притисоци или притисоци за намалување на девизните резерви.
На денешната седница, Советот на Народната банка го разгледа и Извештајот за работата на Комитетот за ревизија во периодот од мај 2013 до декември 2014 година.
Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Македонија. Меѓу другото, оваа одлука претставува техничко усогласување поради членството на Литванија во Европската монетарна унија, започнувајќи од 1 јануари 2015 година. Бидејќи домашната валута, литванскиот литас се замени со еврото, се наметна потребата да се изземе од официјалната курсна листа на Народната банка на Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа