Канческа Милевска: Скопје2014 е потреба и неопходност

 

 Проектот Скопје 2014 од 2008 до сега чини 207.872.492 евра. Попладнево во детали на скоро два и полчасовна прес-конференција беа презентирани спецификации и ставки за сите трошоци за објекти, скулптури и спомен-обележја за кои се надлежни Министерството за култура, Општина Центар и Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ (СОЗР).

Трите институции имаа цел преку отчетот да ги спречат шпекулациите со кои, како што рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, се дефокусирала јавноста иако за сите проекти договорите биле транспарентно објавени од Бирото за јавни набавки.

Тоа што износот го надминал оној од првичната презентација на Скопје 2014 пред пет години, околу 80 милиони евра, Канческа-Милевска рече дека е затоа што многу од градбите ги нема во првиот план, вклучувајќи ги и спомениците во други општини на главниот град.

- Оваа собрана сума сега од 207.872.492 евра е надоградување, проширување на првичната визуелизација, но не се 500 милиони или една милијарда евра, како што се слуша во средствата за јавно информирање. Тие шпекулации воопшто не држат и не се релевантни и вистинити и затоа се кажуваме прецизно, со склучени договори, рече Канческа-Милевска. Појасни дека на основните договори се додавани анекси за дополнителни зафати што биле потребни во тек на реализацијата, но, согласно законската процедура, анексите не надминуваат 30 отсто од основниот договор.

За 33 скулптури  Министерството за култура инвестирало вкупно 885.882 евра. Покрај нив се и скулптурата „Три врби“ во износ од 270.188 евра и „Порта Македонија“ во износ од 5.192.364 евра. Објекти во негова надлежност се: Музејот Македонска борба за кој се исплатени 13.346.969 евра, Стар скопски театар, кој се уште не е завршен и конечната сума ќе биде 36.846.520 евра, Филхармонијата 7.410.130 евра, но се уште тече тендерот за ентериерот и не се знае колку ќе чини договорот, а ентериер и музејска поставка на Археолошкиот музеј чинат 8.174.496 евра.

Канческа-Милевска се надоврза: - Ние не се плашиме од никаква ревизија и како Министерство за култура сами побаравме од Државниот завод за ревизија. Сетоа ова што транспарентно го даваме пред јавноста е спроведено од надлежните институции во Министерството, рече Канческа-Милевска. Во одговор на прашањето за стилот на целиот проект, таа рече дека е тоа дискутабило, особено кога немало со што да се спореди во изминатиот период. Додаде дека сите се избрани на меѓународни конкурси за идејно решение.

- Скопје 2014 е потреба и неопходност, со што се облагороди просторот во центарот на главниот град, кој доби нова архитектонско-урбанистичка естетика. По речиси 50 години центарот се помрдна од мртва точка и му се враќа автентичноста, додаде Канческа-Милевска. Спомна и други бенефиции од проектот, како работни места за градежниците, зголемен број туристи (за 54 отсто од 2010 до 2012)...

Министерката нагласи дека со Скопје 2014 не се спречени инвестициите во другите сектори. По години, одвојувањата од државниот буџет за овој проект се: во 2008 е 0,5 отсто, во 2009 е  0,76 отсто, во 2010 е  1,1 отсто, во 2011 е 2,2 отсто, во 2012 е 1,6 отсто и во 2013 е 1,5 отсто од буџетот.  

Директорот на СОЗР на Владата на РМ Васе Доневски информираше и за трите  објекти што се во нивна надлежност: Зградата на Министерството за надворешни работи 19.251.506 евра, Јавни обвинители и финансова полиција - не е завршен и се очекува да не надминува 14 милиони евра и објектот за Уставен суд, Археолошки музеј и Државен архив на РМ 27.597.681 евра. СОЗР има и други проекти надвор од Скопје 2014, како подземни гаражи на Уставен суд, подземни гаражи МОБ и партерно уредување, ФДУ и јавна администрација и фасада на Влада, за која договорот од 9.290.000 евра е склучен и деновиве ќе почне реконструкцијата

најчитано сега