Засилен извозот на домашните компании
Извозот континуирано расте последниве 14 месеци, при што кумулативниот раст за минатата година изнесува 17 отсто. Триесет проценти отпаѓа на странските инвеститори во земјава, а 70 отсто е извоз на домашните компании. Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека постои континуиран тренд на раст на извозот, како на стоките произведени од домашните капацитети, така и на услугите од македонските компании.
- Зголемувањето на извозот на домашните компании во голем процент се темели не само на извоз на стоки од домашните производни капацитети, туку и на услуги. Македонските компании за квалитетот кој го нудат се конкурентни на пазарите во Америка, Европа а во поново време се пробиваат и во Азија и тоа првенствено компаниите од градежниот и ИТ секторот. Странски инвестиции ја подобруваат надворешно трговската позиција на Македонија и влијаат на зголемување на извозот, но домашните компании треба да продолжат да бидат носители на поголемиот дел од извозот и понатаму да го зголемуваат. За ова е потребно поинтензивен премин кон стратегија базирана на иновации и фокус кон производи и услуги со поголема додадена вредност. Носители на оваа стратегија ќе бидат малите, продуктивни и флексибилни индустриски капацитети, земјоделскиот сектор како и секторот туризам“, изјави Арсовска.
Сојузот на стопански комори во моментов во Јапонија бара нови пазари за пласирање на македонските производи, заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Постои реален потенцијал за соработка со јапонските стопанственици, вели Арсовска, и тоа не само во полето на трговската размена, туку и преку пренесување know-how за производствените процеси.
МИА
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа