Владата апелира: Да се искористи можноста за бесплатни елаборати за легализација
Владата апелира да се искористи можноста за бесплатна изработка на елаборати за легализација на дивоградбите, мерка што се однесува за корисниците на социјална и постојана парична помош и за лицата со ниски примања на ниво на домаќинства до 168.000 денари годишно.
Што побрзо го поднесат барањата толку побргу ќе добијат легализација и сопственост на имотот. Рокот на поднесување на изработениот елеборат до општината е до декември оваа година, и затоа е корисно овие лица, за да не се најдат во временски цајтнот и гужви, веднаш да пристапат кон поднесување на барањата до Катастарот за да може потоа во период од неколку месеца геодетските друштва да им ги изработат елаборатите и потоа да го стигнат рокот за да ги поднесат елаборатите до општината, вели портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Од средината на минататат година, од кога тече рокот, до Агенцијата за катастар на недвижности се поднесени 1.900 барања, а проценките на институциите се дека се работи на опфат на лица помеѓу 10 и 15. 000.
- Сакаме овој број од 1.900 поднесоци да биде рапидно зголемен и да се овозможи поголема динамика и интензитет. Убедени сме дека со што побрзото поднесување на барања овие граѓани за кои важи ова право ќе имаат несомнено голема корист, истакнува Ѓорѓиев.
Процедурата за поднесување на барањата, според него, е едноставна и не бара голема загуба на време, а е со нула трошоци.
- Лицата кои користат социјална или постојана парична помош треба да извадат потврда од центрите за социјална работа дека се корисници на таква помош и потврдата да ја однесат на шалтер во Агенцијата за катастар на недвижности, каде што ќе им биде даден образец да пополнат, да го пријават своето барање, да го запишат и бројот на поднесокот на основната легализација. Потоа во соодветен период ќе се реализира изработката на бесплатниот елаборат од страна на државниот Катастар, информира Ѓоргиев.
Лицата, пак, кои не користат социјална и постојана парична помош, но се со ниски примања до 168.000 денари годишно на ниво на домаќинство, треба да извадат потврда од Управата за јавни приходи и по истата процедура да ја достават до катастарот и да пополнат образец за реализација на ова право.
- Апелираме до сите овие лица за кои важи оваа можност во што побрз период да ги поднесат своите барања да добијат приоритет во изработката на овие елаборати и во една пократка процедура да можат да го реализираат своето право односно да го легализираат објектот во којшто живеа, истакнува Ѓорѓиев.
Тоа, додава портпаролот, несомено ќе биде од голема корист за нив, за нивните семејства, за целокупното домаќинство, затоа што тие ќе добијат сопственост на тој објект, што се разбира дека значително ќе придонесе во подобрување на нивната економска состојба затоа што сопственоста којашто ќе ја добијат нуди и други можности, а се разбира и дека го зголемува обемот на вредност на посед на имот на домаќинствата.
За реализирање на мерката за бесплатни елаборати за корисниците на социјална и постојана парична помош и со ниски примања Собранието на 30 јули 2014 година изгласа измени и дополнувања на Законот за катастар на недвижности.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа