Коце Трајановски најавува новитети во Аеродром

 

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски го продолжува циклусот посети на скопските општини. Денеска на агендата на Трајановски се најде општина Аеродром.

- Jавните претпријатија во рамки на своите надлежности, три дена во општина Аеродром ќе имаат големи активности. Ќе се косат и уредуваат зелените површини и ќе се кастрат дрвјата. Се обрнува внимание и на системот за полевање што општина Аеродром го има направено, изјави Трајановски пред здравствената установа „Мајчин дом“.

Тој информира дека ќе се мијат улиците, ќе се заменуваат старите и оштетени контејнери, ќе се отстрануваат дивите депонии, ќе бидат поставени и големи контејнери за собирање кабаст отпад. Истакна дека недостигот на прскалки е голем проблем бидејќи многу се крадат.

Во текот на оваа недела, Трајановски ќе одржи состанок и со администрацијата на Аеродром и со претседателите на месните заедници.

Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски рече дека ќе уредуваат запуштените простори и ќе се расчистуваат дивите депонии покрај булеварите „Февруарски поход“, „АСНОМ“ и „Србија“.

- Задоволен сум од досегашната соработка со Град Скопје. Во општина Аеродром нивото на хигиена е доста високо и планираме и во иднина така да остане. Ќе работиме со цел чиста животна средина, рече Коневски. 

најчитано сега