Самовработување на 960 лица - аплицирајте до 10-ти март

 

Mинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов, Луиса Витон постојан претставник на УНДП во Македонија и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски, на денешната прес-конференција информираа за Програмата за самовработување, која е дел од Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активните програми и мерки за вработување за 2015 година.

Министерот Спасов рече дека државата со механизмите кои ги има овозможува услови и дава инструменти да се дојде до вработување и да се реши сопствената егзистенција и дека токму Програмата за самовработување, за која денеска излезе и јавен оглас, им ги отвора сите можности на невработените лица со акцент на младите невработени лица, да преземат чекор и да ги искористат сопствените капацитети и способности за самовработување.

-Поконкретно целта на програмата е да се ​​поддржат невработените лица во основање на сопствена фирма, формализирање на веќе постојна (неформална) дејност и во создавање на дополнителни вработувања. Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис-план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали, и менторство во време на започнување на бизнисот, со опфат на 960 невработените лица  од  евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија на активни баратели на работа, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој инфомираше и што опфаќа  финансиската поддршка.

1.експертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење на бизнис,  ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите во висина од 16.600,00 денари;

2.финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во висина од 185.000,00 денари;

3.финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и-или репроматеријали во висина од 240.400,00 денари за најуспешните 32 кандидати кои ќе презентираат одржливи и иновативни бизнис-планови и согласно со критериумите за евалвација се оценети за бизниси кои имаат најголем потенцијал за раст;

4.финансиска поддршка за дополнително вработено лице за 60 фирми корисници во вид на опрема и/или материјали во износ од 92.000,00 денари за кандидати кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од вработување на  уште 1 (едно) лице за успешно функционирање на бизнисот, но и преку економски и финансиски параметри ја потврдува одржливоста на дополнителното вработување;

5. најуспешните 5 (пет) кандидати кои се од областа на занаетчиската дејност и аплицирале во центарот за вработување на град Скопје ќе добијат дополнителна поддршка за обезбедување на деловни простории со платен закуп и сметководствени услуги за првата година од основањето на правниот субјект. Вкупниот грант за овие занаетчии ќе изнесува 320.000 денари;

6.дополнителна советодавна поддршка по регистрацијата на бизнисот.

За оваа програма од Буџетот на Република Македонија се обезбедени 202.000.000,00денари (млади до 29 години 60.000.000,00 денари ). Подетални информации за мерката можат да се добијат на веб страните на Министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk, Агенцијата на вработување на Република Македонија  www.avrm.gov.mk и на samovrabotuvanje.mk.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги повика сите заинтересирани лица да аплицираат во еден од 30-те Центри за вработување, на огласот кој ќе трае до 10 март.

 

 

Оцени ја веста

18.02.2015 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега