Рапидно расте онлајн трговијата - Македонците трошат над милион евра месечно

 

Рапидно расте онлајн трговијата и плаќањето преку интернет во Македонија. За 11 месеци од минатата година, од јануари до ноември, Македонците преку интернет потрошиле речиси 10,5 милиони евра. Податоците за платежни картички и плаќање преку нив, на Народната банка на Република Македонија, покажуваат дека од септември до ноември минатата година, онлајн потрошувачите во земјава месечно трошеле над милион евра. Само во септември лани постигнат е рекорд- онлајн потрошени се 1.824.799 евра, додека во октомври и ноември потрошени се над 1,1 милион евра.  Рекорден месец на онлајн потрошувачка лани е и февруари, кога преку онлајн потрошени се над 1,3 милиони евра, пишува Лидер.

Ако се анализираат податоците на НБРМ за 11 месеци од минатата година, може да се заклучи дека онлајн потрошувачите, во просек месечно трошат по речиси милион евра.

Во споредба со претходната, 2013-та година, кога беа потрошени вкупно 2,5 милиони евра, бројките за првите 11 месеци од 2014-та година покажуваат дека интернетпотрошувачката во земјава, како и онлајн бизнисот, енормно растат.

Навиките на Македонците за пазарење се менуваат, а интернетот како најдостапна алатка, особено за помладите, полека но сигурно станува прв избор за шопинг. Понудата на она што може да се купи онлајн, исто така расте.

Според податоците, на онлајн пазарот во Македонија денеска можат да се најдат над 300 онлајн продавници, кои нудат секакви производи и услуги. Но, дополнителен фактор за развој на е- трговијата кај нас е и влезот на PayPal, глобално употребуваниот систем за онлајн плаќање, кој пак, освен што овозможува пристап на македонскиот потрошувач до сите големи светски онлајн трговци, им дава на потрошувачите и поголема сигурност во трансакциите.

Според познавачите на пазарот, порастот на интернет трговијата во земјава се должи пред сѐ на подготвеноста на банкарскиот сектор да го понудат сервисот за онлајн трговија, значителна интернет пенетрација, големиот број на корисници на мобилна телефонија, како и промената на навиките на населението и компаниите за употреба на технолошките решенија.

Што најчесто се купува онлајн?

Онлајн трговците велат дека е- трговијата во земјава има тренд на раст, најмногу поради попустите кои се нудат на сајтовите за групни попусти, кои пак во последно време ги има во изобилие. Околу 50 проценти од продажбата на интернет во Македонија се должи на сајтовите за групни попусти.

Информациите на Државниот завод за статистика велат дека онлајн потрошувачите во земјава најчесто купуваат прехранбени производи, облека и спортска опрема, филм и музика, лекови и козметички производи, производи за домаќинство, билети за во кино и разни културни настани, како и книги.

Статистиката покажува дека речиси 65% од онлајн потрошувачите во земјава купуваат производи од домашни е- трговци, додека останатите пазарат од странски онлајн продавници.

Иако речиси 70% од домаќинствата имаат пристап до Интернет, податоците велат дека само 10% од Македонците пазарат онлајн.

Внимателно пазарење

Иако е зголемена свеста за купување преку интернет во Македонија, од друга страна сеуште има граѓани кои се скептични кон овој тип набавка на производи, пред сѐ поради интернет измамите.

Добрите познавачи на онлајн купувањето препорачуваат да се користат познати и проверени интернет страници и да се проучат условите за користење, плаќање и достава на производите.

Доколку се купува од странски онлајн продавници, на царински давачки не подлежат производите кои чинат до 45 евра. Пратката се испорачува само тогаш кога ќе бидат платени давачките.

Организацијата на потрошувачите лани регистрирала зголемување на жалбите на производите купени од интернет. Купувачите најчесто реагирале дека производите пристигнуваат без фискална сметка и без гаранција.

 

 

Оцени ја веста

23.02.2015 - 09:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега