Крвава ноќ: Двајца загинати на скопските улици

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 14 сообраќајни незгоди од кои четири се со последица материјална штета а во  осум со повреди се здобиле девет лица.

Се случиле и две сообраќајни незгоди во кои за жал има загинати. Првата се случила во 17 часот и 44 минути на локалниот пат село Долно Лисиче – село Горно Лисиче во која учествувало патничко моторно возило „југо“ со скопски регистарски таблички, граѓанин на Скопје. Тој кога дошол во близина на приватната фирма „Феником“ во атарот на село Горно Лисиче со возилото излегол надвор од коловозот и со предниот дел од возилото удрил во дрво. Во незгодата возачот се здобил со тешки телесни повреди и истиот со возило на Брза помош е пренесен во „Св. Наум Охридски“ каде докторите констатирале смрт.

Втората незгода се случила во 19 часот и 5 минути во близина на главната капија на фабриката „Железара“ во која учествувало патничко моторно возило „рено“ со скопски регистарски таблички, управувано од жител на Сопиште. Истиот движејќи се по улицата „16 Македонска бригада“ во насока од дирекцијата на „Макстил“ кон крстосницата од улицата „Коце Металец“ со предниот дел од возилото удрил во телата на двајца пешаци. Во незгодата едното лице починало на лице место, а другото со возило на Брза помош било пренесено во Ургентниот центар каде му е укажана лекарска помош и истото е задржано на понатамошно лекување.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 28 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, шест возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, како и 18 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 52 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

 

 

 

Оцени ја веста

25.02.2015 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега