Бум на авиобизнисот во Македонија

 

Авиобизнисот во земјава достигнува нови височини. За пет години авиосообраќајот е зголемен за 75 проценти, додека бројот на авиолинии за 17 нови. Кон 26 европски дестинации и кон Дубаи летаат 12 авиопревозници од македонските аеродроми. Минатата година беше пречекан милионитиот патник на скопскиот аеродром „Александар Велики“, а менаџментот на ТАВ Македонија годинава очекува милион и пол патници, пишува Лидер.

Политиката на субвенции во авиосообраќајот дава резултати, а доказ за тоа е бројот на превезени патници и растот на бројот на авиолиниите.

Сликата на авиосообраќајот во земјава е драстично променета, ако се земе предвид дека во 2010- тата, метрополата беше поврзана со само 10- тина градови. Од 729.297 патници во 2010 година лани вкупната бројка достигна 1.278.343 патници. На скопскиот аеродром растот на превезени патници е за 76,7 проценти, од 684.905 во 2010-та, на 1.210.509 минатата година.

Земјава се поврзува директно со европските метрополи. Од четврти март ќе има воздушно поврзување и со Женева, а од охридскиот „Свети Апостол Павле“ и до Базел. Со новите пет субвенционирани авиолинии на Виз Ер, кон крајот на јуни почетокот на јули, македонските патници ќе можат директно да патуваат кон Барселона, Осло, Хамбург, Фридрихсхафен. Со чартер линиите во тек на летните одмори се зголемува понудата на директните линии, што е значителна разлика од 2010 година.

-Неспоредлива е сликата од минатото со онаа денес на македонските аеродроми. Разликата е голема, како за екипажите така и за патниците. Се сеќавам на времето кога аеродромот личеше на вистинска голгота- изгубени багажи, чекање и контроли пред царинската и пасошката контрола. Меѓутоа сега, скопскиот аеродром слободно може да се каже дека е светски аеродром, како за опслужување на патниците, така и за опслужување на авионите, вели пензионираниот пилот Кирил Каевски.

Странските инвестиции го зголемија карго- авиосообраќајот

За 33 проценти е зголемен карго- авиосообраќајот во земјава минатата година, што според надлежните е последица на странските компании во слободните економски зони.

-Во самата градба на аеродромот влезе и изградба на нов карго терминал со капацитет од 40.000 тони што овозможува голем промет на стока. Со развојот на економските зони се зголеми и интересот на странските компании своите производи да ги пласираат со авиони и тој тренд се одразува и во севкупниот пораст што значи 33 проценти во однос на претходната година, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

Во последните пет години вкупниот карго- сообраќај на двата аеродроми во Македонија, според статистиката, се зголемил за 57 проценти. Само лани, авионски биле превезени стоки тешки 3.580 тони.

Скопскиот „Александар Велики“ има потенцијал да стане регионален центар

Менаџментот на ТАВ Македонија смета дека скопскиот аеродром има потенцијал да стане регионален транзитен центар. Со ова ќе се зголеми бројот на патници од регионот, а ќе се овозможат и транзитни патувања.

За да се оствари оваа цел, добра е и иницијативата на владата за воспоставување на национален авиопревозник. Бенефитите од воспоставуањето на националниот авиопревозник ги биле големи. Национален авиопревозник ќе ја промовира државата, ќе го помогне развојот на домашната авиоинустрија, ќе донесе бенефит со нова флота авиони, нови вработувања, дестинации. Експертите од авиосообраќајот велат дека со модерни аеродроми и над милион превезени патници, вистински момент е да се најде компанија што ќе лета под македонското знаме.

Според статистиката, најфрекфентна дестинација од Скопје е Истанбул, потоа Виена, Цирих, Базел. Топ-држави со директни летови се Турција (17,25 проценти пазарен удел), Германија (14,46  проценти), Швајцарија(13,75 проценти), Шведска (11,52 проценти), Австрија (8,2 проценти) и Италија (7,6 проценти). Нискобуџетната „Визер“ лани превезла најголем број патници со 46,3 проценти пазарен удел, а по неа следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Ер Србија“, „Пегасус ерлајнс“ и „Еделвејс“.

Менаџментот на ТАВ Македонија смета дека има услови и за интерконтинентални летови, за што се преговара со повеќе авиокомпании.

 

 

Оцени ја веста

27.02.2015 - 09:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега