Новата „бомба“ на премиерот Груевски донесе 2.000 вработувања
Со инвестицијата на американската компанија „Гентерм“ во изградба на фабрика во индустриската зона во Прилеп ќе се отворат 2.000 нови вработувања и ќе има многу работа на локалните фирми, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
- Како што објавија претседателот на компанијата и другите негови соработници, „Гентерм“ влегува во Македонија и го одбра Прилеп за локација. Градбата ќе почне многу брзо, некаде март, април и ќе заврши брзо некаде во октомври, затоа што тие веќе ги прават подготовките, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања, по пуштањето во употреба на спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во село Љубанци.
Вработувањата, истакна, ќе почнат во октомври и постепено ќе се достигне бројката од 2.000 луѓе. Компанијата објави дека ќе почне да ги регрутира првите вработени и да ги испраќаат на тренинг затоа што во октомври некој треба веќе да започне со работа и тоа е добро, а во октомври ќе почнат помасовно да примаат луѓе.
- Ќе биде одлично за граѓаните на Прилеп и на целиот прилепски регион затоа што сите што живеат во тој регион ќе имаат можност да конкурираат и да се вработат и да бидат дел од овие 2.000 луѓе. Ќе има доста работа и за локалните фирми коишто можат да бидат добавувачи на „Гентерм“, наведе Груевски, потенцирајќи дека „Гентерм“ веќе има 8.600 вработени во автомобилската индустрија.
Инвестицијата, како што рече, е резултат на заеднички сили од повеќе лица и долго работење на Владата со оваа компанија, по долги убедувања. Во конкуренција на пет други држави Македонија беше избрана како најдобра локација за градба на нивната следна фабрика, изјави премиерот Груевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа