Нова белгиска инвестиција во Македонија

 

Белгиската компанија „Slabinck NV“ е најновиот инвеститор во Македионија. По неколкумесечни преговори со Агенцијата за странски инвестиции и промоцијата на извозот, од компанијата се одлучија да инвестираат во Гази баба, каде веќе е обезбедена хала и работен простор со површина од 900 метри квадратни. Се очекува и проширување.

Компанијата, се занимава со ласерско сечење и обработка на метали, а воедно е и еден од најголемите клиенти на веќе присутен инвеститор во една од технолошко индустриски развојни зони.

На средба којашто се одржа во четвртокот во Скопје меѓу косопственикот и главен извршен директор на компанијата „Slabinck NV“, Лук Слабинк, и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шекеровски, беше официјализирана новата инвестиција.

„Задоволство ми е што имам можност, заедно со г-дин Слабинк, да ја информираме македонската јавност за влезот на уште една реномирана компанија која станува интегрален дел од домашната економија. Со влезот на белгиски ’Slabinck NV’, што за нас како владин тим претставува валоризација на сиот досегашен ангажман и напори за нивно убедување да дојдат во Република Македонија, ќе се отворат нови можности за вработување на нашите граѓани, но и можност за деловна соработка со голем број локални коминтенти. Значајно за нас е и тоа што во оваа почетна фаза опремата и машините се набавени од домашни компании, а во натамошниот период ќе следува и проширување на просторот и негово доопремување со најсовремена машинска технологија. Според најавите на инвеститорот, се очекува вредноста на целокупната инвестиција да достигне околу 3 милиони евра. Денешниот настан е само потврда на успешната политика на Владата за привлекување на странски компании кои ја избираат Македонија како своја бизнис дестинација“, реч Шекеровски.

Слабинк од своја страна појасни дека од втората половина од 2014 година, остварил средби со Шекеровски и тимот од Агенцијата за странски инвестиции во Скопје и притоа ја истакна нивната „професионалност и континуирана поддршка“ во сиот изминат период.

„Нивната посветеност и поддршка ми овозможија полесно, заедно со моето семејство, да донесеме одлука за започнување нов инвестициски проект во дотогаш за нас една релативно непозната земја. Би сакал да упатам благодарност до г-дин Шекеровски и неговиот тим за овозможената поддршка и сигурен сум дека ова ќе биде добра препорака и за моите деловни партнери од Белгија и пошироко за инвестирање во Македонија каде што наидовме на одличен прием“, рече челникот на белгиската компанија.

 

 

Оцени ја веста

05.03.2015 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега