На продажба 28 државни локации за бензински, винарии, комерцијални објекти...

 

Министерството за транспорт и врски распиша објави за продажба на 28 парцели со градежно неизградено земјиште за повеќе намени, лоцирани во Орешани, во  Градско, Дебарца, Дојран и Ѓорче Петров.

На продажба се две парцели за изградба на бензински станици во Орешани и во Градско, четири за винарии во Дебарца и во Дојран, седум за објекти за комерцијални и деловни намени во Орешани и 15 градежни парцели за изградба на објекти за лесна незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта во Орешани и Ѓорче Петров.

Парцелата за бензинска во Орешани е со површина од 5.931 метар квадратен, со почетна цена од 130 денари од метар квадратен.  Во Градско, пак, парцелата за бензинска е со големина од 14.658 метри квадратни, со почетна цена од 130 денари за квадрат. Пријавите за електронското наддавање може да се достават до 7. следниот месец, односно до 18. овој месец. 

Во Орешани државата продава и седум парцели со големина од 2.075 до 6.406 метри квадратни за комерцијални и деловни намени  со почетна цена од 250 денари  за метар квадратен, како и 10 парцели со од 1.776 до 2.666 метри квадратни за лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта. Почетната цена е 61 денар за метар квадратен, а пријавувањето до 7. следниот месец.

Трите градежни парцели за изградба на винарии во општина Дебарца се со големина од 2.186, 2.437 и 2.644  метри квадратни, а за винаријата во Дојран со површина од 23.746 метри квадратни. Почетната цена е 61 денар за метар квадратен, а пријавите за учество на јавното наддавање за градежните парцели можат да се достават до 24., односно  до 18. овој месец. 

Во Општина Ѓорче Петров на продажба се пет градежни парцели со големина од 4.821 до 7.433 метри квадратни за изградба на објекти за лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта. За нив почетната цена исто така е 61 денар за метар квадратен, а пријавувањето до 11. овој месец. 

Право на учество во јавните наддавања имаат физички лица (државјани на Република Македонија, на држави членки на ЕУ и на ОЕЦД, како и на држави кои не се членки на ЕУ и на ОЕЦД, а под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Македонија) и правни лица (домашно правно лице, правно лице во мешовита сопственост, правно лице основано од странско физичко и правно лице, регистрирани во Централен регистер на Република Македонија, странски правни лица резиденти на држави членки на европската унија и на ОЕЦД, како и странски правни лица резиденти на држави кои не се членки на европската унија и на ОЕЦД, а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија). 

 

 

Оцени ја веста

06.03.2015 - 13:29
Фото: 
вести

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега