Нов оглас на Владата на Македонија

 

 

Домашните компании од денеска ќе може да изразат интерес за ангажирање странски експерти преку проектот што го иницира и спроведува Владата на Македонија. Огласот е објавен денеска и ќе трае во наредните 45 дена. Фокусот во овој втор циклус се малите и средните претпријатија, а компаниите може да побараат помош од експерт за секој сегмент од работење каде сакаат да го унапредат работењето. 

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на прес-конференција информира дека се оди во втор циклус од овој проект со оглед на позитивните резултати од веќе реализираниот прв циклус. 

- Ефектите од овој проект се навистина позитивни. Четириесет и пет проценти од компаниите истакнаа дека странскиот експерт помогнал во подобрување на производствениот или услужниот процес на претпријатието, 45 отсто истакнале дека имале придобивки во делот на маркетингот, а 10 отсто во делот на процесите на анализа и планирање на дејноста, рече Ѓорѓиев. 

Тој додаде дека над 80 отсто од компаниите кои учествуваа во првиот циклус посочиле дека повторно би ангажирале странски експерт, а најважно за Владата, како што рече портпаролот, е тоа што над 85 отсто од компаниите каде престојувал странски експерт како резултат, покрај подобрување на деловниот перформанс, имаат и нови работни места. 

Во првиот циклус беа офатени компании од 20 градови од областа на производството, каде беа ангажирани 46 отсто од странските експерти, 11 отсто во компании од услужната дејност и осум отсто во компании од областа на технологијата. Од вкупно ангажираните експерти 63 отсто помогнаа во претпријатија до 50 вработени, 29 отсто во средни претпријатија со број на вработени од 50 до 250 лица и осум отсто од експертите беа ангажирани во големите компании со над 250 вработени. 

Ѓорѓиев посочи дека повеќе од половина од експертите веќе ги завршиле своите мисии во домашните компании и оти во наредниот период согласно акцискиот план и останатите експерти од првиот циклус ќе престојуваат во домашните компании кои изразиле интерес. 

Проектот почна да се реализира во 2014 година и во првиот циклус потреба од странски експерт пријавиле 98 компании за реализација на вкупно 105 мисии во компаниите, а Владата очекува и овој циклус да биде успешен. 

Ќе можат да се пријават компании од сите сектори и да се ангажираат експерти во сите сегменти од нивниот процес на работа каде што имаат потреба од унапредување и подобрување на работењето. Владата ги покрива 95 проценти од трошоците за ангажирањето на странските експерти.

- Владата во соработка со странските организации кои нудат ваков вид техничка помош ќе овозможи да бидат покриени најголемиот дел од средствата потребни за ангажирање на странскиот експерт, пред се главните трошоци како што се надоместокот за ангажман на експертот (дневници за работа) и транспортот од земјата во која функционира експертот во Македонија и обратно. Домашните компании, со нивна согласност, би имале обврска единствено за определен минимален партиципативен надоместок за покривање на локалните трошоци за ангажман, како што се на пример за сместување, евентуален локален транспорт на експертот, и тоа за периодот за кој тој ќе работи за домашната компанија, појасни владиниот портпарол.  

На огласот можат да се пријават компании со најмалку 51 процент домашен капитал, кои постојат најмалку две години и имаат од пет до 250 вработени.

Компаниите кои имаат потреба од странски експерт, треба да ја наведат конкретната потреба за ангажман на експертот, односно делот од производствениот или организацискиот процес за кој е потребна експертиза и предметот на експертиза.

Компаниите кои имаат потреба од странски експерт треба да ја наведат конкретната потреба за ангажман на експертот, односно делот од производствениот или организацискиот процес за кој е потребна експертиза и предметот на експертиза. Избраните експерти ќе престојуваат во компаниите од седум до 21 ден. 

Како што појасни Ѓорѓиев, апликациите на оние компании кои ги исполнуваат условите ќе бидат проследени до странските партнерски организации кои нудат експертска помош, за да може да се поврзат страните и да се утврди и прецизира точниот профил на бараниот експерт.

- Овој проект е конкретна и позитивна поддршка на домашната економија. Имајќи ги предвид позитивните искуства од првиот циклус, сметаме дека и во рамки на вториот циклус ќе се продолжи со подобрување на деловниот перформанс на компаниите кои ќе бидат дел од проектот. Апелираме компаниите кои имаат интерес за овој проект да се пријават преку електронската апликација на владината интернет страница или со достава на поднесок во владината архива, и на тој начин да добијат можност низ една експертска помош да ги подобрат своите деловни перформанси, да обезбедат раст на своето претпријатие, поголема профитабилност, освојување нови пазари и отворање нови работни места, изјави портпаролот на Владата.

 

 

Оцени ја веста

07.03.2015 - 10:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега