Ѓорѓиев: Инвестицијата на „Амфенол“ ќе донесе многу позитивни ефекти за источна Македонија

 

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, во своето гостување на вестите на Канал 5 телевизија зборуваше за придобивките кои ќе ги има кочанско-виничкиот регион, но и целата територија на Република Македонија, по изградбата на новите шест фабрики на гигантот Амфенол.

Фабриката Амфенол, која е светски гигант во областа на производство за компоненти во автоиндустријата, во ТИРЗ Кочани-Виница ќе лоцираат шест дивизии, што е значаен сегмент од нивното производство.

-Се работи за инвестиција од 25 милиони евра, а најважно за нас како Влада на Република Македонија и граѓаните е дека тие планираат да вработат 2.350-2.500 работници, а до крај на 2015 година планираат да има 500 нови работни места.

Како влада сме подготвени и се очекува во следните 45 дена да се завршат логистичките процеси и да се почне со градба на дел од капацитетите, истакна Ѓорѓиев.

Како што потенцираше владиниот портпарол, не само Кочани и Виница туку и другите региони ќе имаат сериозни позитивни ефекти од  големиот број на индиректни вработувања.

-Она што е многу важно е дека преку ваква диверзификација се дава сериозен ефект на вработувањата и тие ќе имаат различен профил на вработувања.

Општи работници, менаџерски тимови од Република Македонија и останати дејности како сметководители, правници, економисти, односно широк профил на кадар. По комплетирањето на продукцијата и стабилизацијата на производството ќе имаат сериозен удел во надворешно-трговската размена, односно извозот кој ќе го прават се проценува на 50-60 милиони евра, изјави тој.

Ѓорѓиев потенцираше дека  Амфенол, кој има направено околу 200 аквизиции на светско ниво, ќе има мотивации на други компании да ја внесат Македонија во своите анализи и да размислат да инвестираат во земјава.

Владиниот портпарол истакна дека како влада се насочени кон мотивирање на странските инвеститори да направат модус на диверзификација, односно да биде опфатена целата територија на Република Македонија.

 

 

Оцени ја веста

08.03.2015 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега